
Урнат рекордот на возила кои го напуштиле Скопје во текот на вчерашниот ден
Околу 20.000 возила вчера до 19 часот го напуштиле Скопје, според податоците од наплатните рампи на патарините, велат за Телма од Јавното претпријатие за државни патишта.
Најмногу фреквенција и редови за чекање, имало на западниот излез од градот, односно на патарината на автопатот Скопје-Тетово. На наплатната станица Желино во правец Скопје-Тетово поминале 8.178 возила.
На излезот од Скопје кон Куманово, на патарината кај Миладиновци излегле 7.407 возила, а на излезот кон Велес, на наплатната станица Петровец, до 19 часот поминале 4.541 возила.
„Волкави редици на патарините досега сме немале. Рекорд беше ланскиот продолжен викенд за празникот 2 Август, но вчера е надминат. На патарината од Скопје кон Тетово, вчера поладне биле отворени 7 наплатни рампи за излез од Скопје, а за влез е оставена една. Ова досега не се случило, зашто во еден правец најмногу сме отворале по 6 наплатни рампи“, велат од ЈПДП.
Од таму објаснуваат дека сепак сите возила кои заминале кон Маврово или Охрид поради продолжениот викенд., не биле со скопски регистарски таблички. Треба да се има предвид дека голем број граѓани од Велес, Куманово, Тетово и Гостивар работат во Скопје, па попладнето се враќаа дома, од работа.
Вчера на патарината Желино до 19 часот во правец Тетово-Скопје поминале 4.973 возила и влегле во Скопје“. А до 21 часот, на сите патарини во земјава била забележана многу послаба фреквенција на возила, чија бројка се движи околу 50 тина.
Сотир Трајков