Урнат постаментот на Ќосето пред Врховен

Работници со багери и друга механизација со часови го уриваа постаментот на кој беше исправен вооружениот Ќосе пред Врховниот суд.  Градските власти велат постапуваат по инспекциски налог односно дека се довршува уривањето кое започна ноќта спроти 22 февруари, кога беше отстранет споменикот. Од тогаш споменикот на Андон Јанев Ќоесто лежи во хала во фабриката МЗТ и до сега не го побарале од здружението за Духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради, донатор на споменикот.

Ташко Јованов од здружението, во телефонски разговор за Телма рече дека не планираат да си го земат споменикот. Велат тоа е поклон на градот.

„Споменикот е предаден на Градот како донација и за тоа има одлука и решенија од советот на град Скопје. Тоа е поколон и ние не го бараме назад. Понатаму нека прават како што сакаат. Бадијала сега сите нас не прашуваат  и бараат да  го земеме или да им дадеме дозвола да го земат.“

Општина Сопиште неодамна на седница со 6 наспротив 4 гласа одлучи да го побара Ќосето од здружението на Сетинци, Попадинци и Крушоради за да го постават во нивната општина. Истиот ден советникот Орхан Гафури од Алијанса на Албанците тврдеше дека тој не гласал „за“ туку „против“ и побара ново произнесување.

Во среда е закажана седница на Советот во Сопиште за која според информациите на Телма, Гафури и писмено доставил  барање да се повтори гласањето за Ќосето и при тоа да се гласа и по Бадентер, но и за ова прашање да се прозинесе Комисијата за меѓуетнички односи. Претседатлеот на Советот Јане Мицевски, денеска беше недостапен на телефон да одоговри дали ќе го стави на дневен ред.

Но судбината на Ќосето и уште 4 други споменици донација на здржуежнието на Јованов судбината им е неизвесна и поради судскиот спор во граѓанскиот суд. Како што претходно објави Телма на крајот од април треба да започне судскиот спор во кој Рудници и железарници Институт неколку години по поставувањето на спомениците бара од Здружението 600.000 евра за ненаплатено лиење на спомениците.

Јованов денеска ни тврдеше дека не слушнал за овој судски спор, ниту пак дека добил покана да се појави а за долгот не сакаше да говори. Скопје 2014 е една од финасиските истраги на СЈО преку кои се испитува дали и каде се одлевале пари од земјава.

Ќосето беше урнат со обрзаложение дека е дивоградба. Од градот најавија дека на негово место ќе биде насадено дрво „за човекови права“ под кое ќе биде изгравиран Членот 10 од Општата повелба за човекови права на Обединетите нации.

Работната група за Скопје 2014 формирана од Министерството за култура, освен кај Ќосето откри нереглуарности кај повеќе споменици и објекти од проектот, меѓу кои на Александар Македонски, Филип втори, Порта Макеоднија и Мајка Тереза.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ