Урбаното лудило во Тетово не престанува

Урбаното лудило во Тетово никако да престане. Секое ќоше се користи за изградба на некаков објект. Пример за тоа е овој ископ во населбата блок 70 каде ќе се гради помеѓу два станбени објекти, чии темели инвеститорот ги отворил, најверојатно неговиот објект планира да го припои до постоечките згради.

Местото каде се гради не е соодветно обезбедено, нема информативни табли кој гради и кој е инвеститор. Станарите  не сакаат да зборуваат пред камера, ни кажаа дека стравуваат за безбедностана нивните згради, чии темели се отворени неколку недели.

Експертите велат дека ваквиот начин на градење е ризичен и може да предизвика нестабилност на соседните објекти, затоа што нивните темели наместо каскадно, се отворени наеднаш.

Од Општина Тетово велат дека претходната гарнитура уште во 2012 година дала дозвола за градба на ова место.

Оттаму додадоа дека градежните инспектори ја контролираат градбата, и ако не се почитува градежната дозвола, ќе се преземат сите мерки согласно законот.

Досега за необезбедниот простор каде се гради несоодветно, општината нема преземено ништо.

Локалната власт не постапува и за останатите објекти во градот, кои се градат и најчесто без дозвола узурпирајќи државно земјиште. На приложените снимки голем дел од градбите се дивоградби вклучувајќи ги и ова огромно здание на тетовското Кале и џамијата на Попова Шапка, за кои инспекцијата пред неколку година донесе решенија за уривање, но општината не постапува.

Граѓаните велат дека од дивоградбите и урбаниот хаос не можат да го препознаат градот, кој од ден на ден се задушува и останува без слободен простор.

Општината пред две години избра и фирма за уривање на дивоградби. Со неа беше склучен едногодишен договор со кој беше предвидено таа со сопствена механизација да урива бесправни објекти. Но, фирмата не урна ниту еден нелегален објект во Тетово. Оттаму во неколку наврати за медиумите истакнаа дека ќе започнат со работа на терен, откако ќе добијат писмен налог од општината, кои градби да ги уриваат, според таканаречената листа на приоритет.

Локалната власт се правдаше дека состава листа на приоритети, Но во меѓувреме на фирмата и помина договорот, а во градот и понатаму и со поголем интензитет царуваат дивоградбите и урбаното лудило.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ