„Ураганот Каменос“ ја протресе грчката политичка сцена

Ураганот Панос Каменос ја застресе владеачката коалиција во Грција. Планот Б на грчкиот министер за одбрана за замена на Договорот од Преспа со меѓудржавни безбедносни договори во регионот, но и отворање три нови американски воени бази во Грција, предизвика остра реакција од претставниците на владеачката СИРИЗА. Предлогот на Каменос презентиран пре помошник државниот секретар на САД, Вес Мичел пред три дена, тие го оценуваат како „нерзбирлив“ и дека министерот за одбрана излегол надвор од своите надлежности. Коментар за потегот на Каменос даде и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас.

„Министерот за надворешни работи не треба да зборува многу за да се слушне кога зборува”, гласи краткиот коментар на Коѕијас.

За дел од претставниците на владеачката СИРИЗА пак планот е причина партијата да ја прекине соработката со Независни Грци, чиј лидер е Каменос.

Премиерот на Грција во обид да ја смири атмосефрата, по завршувањето на состанокот на политичкиот секретаријата на СИРИЗА, запрашан да го коментира Планот на Каменос, се пошегува дека „во САД има ураган, но не се вика Панос, туку Мајкл“.

Но и покрај обидот на Ципрас во јавноста да ја намали политичката тензија во Грција која ја создаде Каменос со планот за замена на Договорот од Преспа и градење на нови воени бази во Волос, Александрополис и Лариса, грчките медиуми јавуваат дека Ципрас телефонски побарал објаснување од коалицискиот партнер, меѓу другото и за тоа со кој причина тој се издвојува од надворешната политика на владата за „Македонија“.

Според медиумите во Грција, Каменос му се извинил на Ципрас, со објаснување дека тој немал намeра да создаде проблем и оти сите негови изјави биле дадени во контекст на дискусиите, без било што да биде презентирано во официјална форма. Каменос пак на твитер напиша дека не разговарал со Ципрас бидејќи не е сменето ништо од договореното, дека како владин партнер, дал предлог кој го обврзува само него и оти базите веќе постојат.

Во меѓувреме грчки медиуми го пренесуваат ставот на американскиот Стејт департментот, по планот на Каменос, при што се наведува дека САД  го поздравуваат резултатот од референдумот во Македонија, на кој граѓаните ја изразиле поддршка за НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот од Преспа и оти цврсто ја поддржуваат целосната имплементација на Договорот, кој ќе ѝ дозволи на Македонија да добие законска позиција во НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ