
Управен судија доделил крајбрежна парцела на пријател а потоа ја спречил државата да се жали
Управен судија е под истрагата на Обвинителството за организиран криминал откако е утврдено дека тој незаконски постапувал во предмет за денационализација и вратил парцела во државна сопственост вредна околу 200 илјади евра.
Парцелата се наоѓа во Струга крај брегот на езерото. Истрагата на обвинителството утврдила дека тој, пред да биде избран за судија во Управниот суд го застапувал барателот за денационализација во предметот а со пресудата на неговиот клиент му бил исплатен надомест.
Во септември минатата година кога тој веќе е судија во Управниот суд, клиентот поднесува тужба до Судот која токму осомничениот ќе ја превземе за работа иако законски му е забрането.
“Иако знаел дека како поранешен адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата, осомничениот не ја прекинал работата врз предметот и не го известил Претседателот на Управниот Суд. Постапувајќи по предметот, иако поднесената тужба била неуредна, не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту ја отфрлил, туку продолжил да постапува и притоа оневозможил Државното правобранителство на Р.С.М. како заинтересирано лице да се вклучи во управниот спор и да презема мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на Р.С.М” – соопшти обвинителството за организиран криминал.
Ако тоа не било доволно откако ја донел пресудата со која му ја вратил парцелата од речиси две илјади квадрати кој според ДУП-от е градежно земјиште и вредна 12 милиони денари осомничениот судија не доставил примерок од пресудата до Државното правобранителство и повторно не дозволил државата да се жали а истовремено со својот потпис овозможил правосилност.
Од обвинителството соопштија дека бараат притвор за судијата а спорната парцела е замрзната и никој не може да располага со неа.
Огнен Чанчаревиќ