
Управен суд одлучи дека раскинувањето на договорот за Казандол е законито
Управниот суд одлучи во корист на Владата: Одлуката за еднострано раскинување на договорот за рудникот Казандол е законита.
Ова денеска го соопшти владината прес служба пренесувајќи ја пресудата на Управен која пред десетина денови, на 14 мај, станала правосилна. Во пресудата се вели дека врз основа на правилно и целосно утврдена фактичка состојба, Владата правилно го применила и материјалното право, кога на тужителот „Сардич МЦ“ му го раскинала договорот.
Управен суд раскинувањето го смета за основано бидејќи во рок од две години до денот на доделување на концесијата, според челн 13, став 1, не ги исполнил обврските да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда и после две години од почнување на експлоатација на вториот рудник, да изгради фабрика за производство на финални производи од катоден бакар со капацитет најмалку еднаков на годишниот капацитет на постројката за експлоатација на катоден бакар.
Фактите биле утврдени според Законот за минерални суровини, Законот за концесии и јавно приватно партнерство и Договорот за концесија за детални геолошки истражувања на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетот Казандол, на териотријата на општините Вландово, Богданци и Дојран.
Активистите против рудници во Југоистокот велат дека постојат аргументи за раскинување на договорот и за рудникот кај Иловица и бараат Владата да постапи на истиот начин и за овој рудник.
Здруженијата против рудници во Југоистокот утре организираат тричасовен протестен караван низ струмичката котлина.
Сузана Мицева