Уписи во средните училишта, пријавувањето по азбучен ред од презимето

Од денеска до 18 јуни ќе се спроведува првото пријавување од јунскиот рок за упис во учебната 2020/2021 година, според критериумите утврдени во Конкурсот на Министерството за образивание и наука за запишување ученици во прва година во јавните средни училишта за настава во гимназиско, стручно, уметничко и за средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

Уписот ќе биде организиран и спроведен согласно насоките од Протоколот усвоен од Владата по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести, кој е проследен до сите училишта.

Според протоколот, документите се поднесуваат по азбучен ред на презимето, а распоредите училиштата требаше да ги објават најдоцна до петокот. Задолжително е носење заштитни маски, растојание од два метра и дезинфекција. Училиштата се обврзани да обезбедат редари и е ограничен бројот на ученици кои во исто време ќе влезат во училиштето за да поднесат документи. Не е дозволена придружба од родител/старател, освен од оправдани причини.

Пријавувањето ќе биде денеска, утре и во четврток (16, 17 и 18 јуни) во периодот од 7 до 19 часот, како и на 19 јуни  од 7 до 13 часот. Училиштата во кои бројот на пријавени ученици во последните години е помал од бројот предвиден во конкурсот, може да организираат пријавување на учениците само денеска и утре. Ранг-листите со запишани ученици ќе бидат објавени на 19 јуни по 15 часот.

И во средните училишта за уметничко образование, пријавувањето на учениците е денеска и утре, а на  18 и 19 јуни ќе се организира квалификациски испит согласно со донесените протоколи.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ