Унгарија потврди – Груевски го поднел барањето за азил

Виктор Орбан конечно попладнево потврди дека Унгарија го примила барањето за азил од Никола Груевски

„Поранешниот премиер на Македонија даде изјава за намера да поднесе барање за статус на бегалец во Унгарија. Со оглед дека тој беше премиер на неговата земја веќе десет години, од безбедносни причини унгарските власти му дозволија на Груевски да поднесе барање за азил во седиштето на Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта. Канцеларијата за имиграција и азил ќе ја спроведе процедурата за оценување на азилот во согласност со унгарското и меѓународното право“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Орбан.

Притоа се наведува дека македонската влада е партнер на Унгарија во меѓудржавните односи и затоа во никој случај Унгарија не сака да интервенира во внатрешни работи на суверени земји.

„Го сметаме барањето на поранешниот македонски премиер за азил единствено како легално прашање“, се наведува од кабинетот на Орбан.

Од кабинетот на Орбан наведуваат дека согласно законите нема да даваат информации за постапката за азил за Груевски пред завршувањето на постапка.

Според познавачи на процедурите во Унгарија поднесувањето на барањето на Груевски директно во Канцеларијата за имиграција и азил во Будимпешта е многу невообиечно, со огелд дека барањата се поднесуваат на граница и таму во центри се држат барателите на азил до носењето на одлуката.

Инаку Унгарија дозволува три основи за барање на азил – поради дискриминација по лично убедување, ако има статус на лице под заштита т.е. ако во неговата земја му се заканува реална опасност од смртна казна, тортура, нехуман или деградирачки третма или ако има статус на прифатено лице,  кое има оправдан страв од прогон, тортура, нехуман или деградирачки третман или смртна казна, но кое неможе да ги ужива бенефициите на посебна заштита, на пример заради обвинение за сериозно злосторство.

Со оглед дека Груевски вчера напиша дека последните денови примал безброј закани по неговиот живот и ако се земе предвид дека само два дена пред Груевски да го снема, Комисијата за заштита од дискриминација излезо со мислење дека Груевски бил дискриминиран од страна на судот, извесно е по кој основ и со кои документи Груевски бара азил од Унгарија.

Унгарија има рок од најмногу 15 дена да одлучи по барањето на Груевски,  а за остварување на правата од азил се предвидени до 90 дена. Унгарија може да му одобри азил од една до пет години со можност за продолжување.

Во меѓувреме македонските власти се уште немаат информации за тоа каде се наоѓа Груевски во Унгарија.

Како што објавија унгарските медиуми Орбан не се сретнал вчера со Груевски и не престојува во неговата вила. Наводно поранешниот македонски премиер е сместен во хотел со пет ѕвезди  „Коринтија“. Но од хотелот за Телма негираат дека тој не е таму.

„Секако дека можам да ви дадам информација за наш гостин, но немаме никаква информација за него“, ни изјави менаџер на хотелот „Коринтија“.

– Велите дека Груевски не бил ваш гостин деновиве?

„Да“, потврди тој

Нејасно е на кој начин Груевски стигнал до Унгарија. Унгарија дозволува поднесување на азил и од лица кои нелегално стиганел во земјата. Српското МВР пак денеска соопшти дека Груевски нема српско државјанство или пасош и дека се проверуваат информациите дали до Унгарија стигнал преку територијата на Србија.

Тамара Грнчаровска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ