Улици прекриени со кал и воздух полн со отрови – надлежните се уште трагаат по решенија

Дождот во Скопје – надеж за властите дека ќе се расчисти воздухот и ќе се намалат отровните честички во него. Но, од друга страна и голем проблем за комуналните претпријатија. Додека мерните станици покажуваат намалени количества ПМ честички кога надвор е врнежливо и ветровито – скопските улици тонат во кал и смет.

Од Комунална хигиена кажаа дека чекаат поволни временски услови и малку да се стопли времето, за тие да ги измијат валканите скопски улици коишто се обвиени во кал. Во меѓувреме, мала количина на вода или дожд во зимски временски услови прави мало мочуриште на улиците.

Од Комунална хигиена последен пат ги измиле улиците пред повеќе од три месеци. Во зимата не можат да ги измијат, а ги одржуваат со метла. Се плашат да не замрзнат при минусни температури. Денес вонредно го измиле само плоштадот бидејќи до нив стигнале поплаки од луѓето. Но, за улиците и тротоарите тврдат дека не смеат да ризикуваат.

Нашата зимска програма не вклучува, поради ризиците коишто може да настанат од излизгување, како за возилата, така и за пешаците. Денес, поради тоа што временските прилики дозволуваа извршивме рачно миење на плоштадот Македонија со авто-цистерни, при што комплетно беа отстранети сите остатоци од наталожениот снег и мраз, вели портпаролот на ЈП Комунална хигиена Ана-Марија Бранѓолица.

Од Комунална хигиена се пожалија дека за валканите улици во градот удел има и загадувањето. А, со него Владата ќе се справува преку програма за која одвоиле два милиони евра. Ќе ја спроведуваат во неколку чекори. Масовно ќе ги едуцираат граѓаните од сите возрасти и ќе субвенционираат ефикасни начини на греење. Се оправдаа дека немало основа да продолжат интервентните мерки против аерозагадувањето.

Мерки за директно справување со причините на загадувањето, градење на јавната свест од предучилишна до пензионерска возраст. Интервентните мерки се мерки за ублажување на таа состојба со над 200 микрограми ПМ честички, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Невладините порачаа дека не е потребно надлежните да планираат нови мерки и програми. Проблемот го лоцираат во слабото функционирање на институциите и надлежните министерства.

Министерството за животна средина веќе ги има сите податоци коишто претходно им фалеа од аспект на тоа кои се загадувачи и на кој начин придонесуваат за загадувањето во Скопје, со колкав процент и како треба да се намали загадувањето од секој поединечен извор. За ова зборувам од аспект на сообраќајот, од аспект на домаќинствата коишто се загреваат, од градежништвото, како и од индустријата. Сега тоа што треба да се направи е да се седне и да се сработат тие плански активности, вели Александра Бујаровска.

Вчера властите ги укинаа итните мерки против аерозагадувањето, а од денес децата се вратија во училниците од кои дел имаат прочистувачи на воздух, а дел не.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ