
Укинувањето на лустрацијата влегува во собраниска процедура
Поништувањето на одлуките од постапките за лустрација влегуваат во собраниска процедура. Премиерот Заев очекува законското решение да се донесе до 12 февруари по што сите оштетени лица или нивните наследници ќе имаат можност да побааат отштета со поднесување тужба пред надлежните органи. Нарачаните процеси од т.н лустрација ќе останат само лоша меморија од времето на режимот, вели Заев.
За поранешниот претседател на Комисијата за лустрација Томе Аџиев ова е очекуван потег на Владата со кој се урива правосудниот систем а последиците ќе бидат далекусежни.
Целиот почеток на работата на Комисијата за лустрација која се основаше во 2009 година беше проследен со низа контроверзии. Обвинувања за пресметка со политички неистомисленици, прогласување за соработници на тајните служби, кршење на човековите слободи и права.
Прочешлани беа голем број тајни досеја а над 200 лица беа прогласени за кодоши. Според законот ним им беше забрането да работат во државни институции.Лустрираните поднесоа и тужби до Управниот суд и Вишиот управен суд, а се жалеа и пред судот за човекови права во Стразбур. Процесот беше критикуван од Брисел а Европската комосија побара од властите да се укине Законот.
Јулијана Пешевска