
Укинато полициското обезбедување на Сашо Мијалков
Пред Илинден, МВР ја донело и реализирало одлуката со која на екс директорот на УБК Сашо Мијалков му е укинато полициското обезбедување.
Извори од МВР за Телма, потврдија дека е донесена одлуката за обезбедувањето на Мијалков.
Полициското обезбедување на поранешниот директор му е укинато откако се извршени соодветни безбедносни проценки и е утврдено дека нема потреба од него.
По напуштањето на функцијата во мај 2015-та, Мијалков доби службено полициско обезбедување, а тоа не беше укинато ниту по промената на власта. Министерот Спасовски тврдеше дека обезбедувањето му е определено поради безбедносни проценки за можен ризик.
Истовремено, полициско обезбедување му е укинато на уште еден поранешен директор на УБК, Владимир Атанасовски кој од лани во јули, веднаш по завршувањето на неговиот мандат, беше под заштита на полициски обезбедувачи.
Мијалков и на судењата на кои е обвинет од страна на СЈО доаѓаше со полициски возила и со обезбедување од припадници од 6-тата управа на МВР. До укинувањето Мијалков имаше два автомобили и 6-мина телохранители.