
УЈП: Реномирани угостители од Скопје не издаваат фискални сметки
Реномирани угостители од Скопје не издаваат фискални сметки. УЈП преку вградените ГПРС уреди констатирала континуирано сторнирање фискални сметки во кафулиња, ресторани, пицерии и барови што го надминува бројот од 130 сметки дневно со сторниран вкупен дневен промет, што се движи и до 40.000 денари. Најревносен во ваквата пракса бил угостителски објект од Скопје со едвај 10 маси за седење.
„Во март и април годинава, сторнирани се вкупно 4.127 сметки со вредност од над еден милион денари и тоа само кај еден угостителски објект во Скопје, од 100.000 до 500.000 денари има 185 сторнирани сметки кај три угостители во Скопје, Охрид и Прилеп, а од 50.000 до 100.000 денари сторнирани се 76 сметки за еден месец кај еден угостителски објект во Скопје“, изјави директорката на УЈП Сања Лукаревска.
Законот не го ограничува бројот на фискални сметки што можат да бидат сторнирани вели Лукаревска. Досегашното искуство покажува дека дел од тие кај кои е утврдено незаконско работење продолжуваат со таквата пракса и откако ќе им се изрече опомена или парична казна.
„Во март и април кај 144 помали обврзници најдени се 5.097 сторнирани сметки, што значи тој дава сметка но ако потрошувачот не ја земе оди во ризик таа да биде стронирана и со тоа се прави еден вид затајување на данок. Оваа состојба е алармантна“, вели Лукаревска.
Контролата спроведена од 19 април до 20 мај покажала дека секој трет трговски објект работи незаконски односно од 311 контролирани објекти, 108 имале неправилности во работењето. Најголем број од нив се од Скопје а најмалку во Делчево и Каменица. Со контролите биле опфатени хотели, ресторани, сендвичари, барови, пицерии, автомеханичари, вукланизери, салони за убавина, цвеќари, бутици и манифестации организирани од општините.
Виолета З. Стојановска