УЈП не открива колку граѓани се ДДВ обврзници

УЈП не открива колку граѓани се пријавиле за регистрација за ДДв обврзник. Иако рокот истече на 15 јануари од Управата велат дека имаат рок од 15 дена да изготват решенија по поднесените пријави но колкав е нивниот број нема одговор. Дополнително ќе се утврдува  и бројот на физички лица кои имаат таква обврска

„За да може УЈП да утврди колку обврзници оствариле промет над 1 милион денари, потребно е да се обработат податоците од Годишните извештаи за 2017 година, кои исплатувачите на приходи ги доставуваат до УЈП најдоцна до 31.01.2018 година, како и од обработката на годишните даночни пријави за утврдување на годишниот данок на доход за 2017 година, чиј рок за поднесување е заклучно со  15.03.2018 година. По целосен внес и обработка на поднесените пријави Управата за јавни приходи ќе ги сумира податоците и ќе може да ги согледа состојбите“, соопштија од УЈП.

Широкото толкување на одредбата што ја дефинира категоријата даночен обврзник,според дел од работодавачите ќе направи огомни проблеми за сите а нема да донесе никакви ефекти врз буџетот, ќе се добие кумулација на даноци, па за ист промет ќе се плаќа и персонален данок и ДДВ што е неспоиво во системот ан даноци.

„Проблем ќе биде и начинот на поврат на ДДВ. Ако лицето се регистрира за ДДВ има право на поврат, но кои трошоци ќе ги пријави? Ако правам интелектуална дејност дали на храната од самопослуга ќе имам право на поврат? Така ќе се отворат бројни дилеми, а на крај државата ништо нема да добие“, смета Ангел Димитров работодавач ТЕЛ

Додека од Министерството за финансии нема информација дали се размислува за промена на прагот за оданочување и негово зголемување повторно на два милиони како што беше пред 2015 година, Владата не ја исклучува можноста од корекции. Од таму за Телма велат дека се преиспитува примената на законот со кој граѓаните кои лани оствариле промет над 16 200 евра треба на државата да и платат  18 %.

Уверуваат дека  ќе се земат предвид сите мислења на експертската  и пошироката јавност особено ако тие се различни  и дека при носење на одлуките ќе се води од интересот на граѓаните. Законот предвидува глоба од 120 до 180 евра за даночните обврзници кои обврската ќе ја исполнат по истекот на пропишаниот рок, а доколку воопшто не се поднесе пријава казните стигаат и до 375 евра.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ