УЈП ќе им помага на фирмите за прогресивниот данок

Пред прагот пред новата година кога ќе мора да стартуваат со прогресивното оданочување, дел од компаниите со поплаки дека нивните софтверски решенија не се подготвени за пресметка на новиот данок, бидејќи за разлика од досега кога оданочувањето на платите се вршеше според единствена стапка од 10 отсто, сега ќе се воведе и втора од 18 проценти, за делот од примањата над 90 илјади денари. Министерот Тевдовски уверува дека причини за грижа нема, Управата за јавни приходи нон стоп комуницира со фирмите и е подготвена да им помогне даночната реформа да почне навреме и без поголеми проблеми. Уште еден негов аргумент е дека прогресивниот данок не е новина за бизнисот, тој постоеше и претходно, пред минатата власт да го воведе рамниот данок.

„УЈП има комуникација со фирмите, особено со тие што ги изработуваат решенијата. Сметаме дека се ќе биде навреме, иако УЈП е отворена да помогне, да дојдеме до решение, иако ова не е голема промена, бидејќи Македонија тој систем го имала и претходно“, вели министерот за финансии Драган Тевдовски.

Нејаснотии новиот данок носи и кај граѓаните кои имаат приходи од повеќе места, па месечно заедно ќе им се соберат над 90 илјади денари. За нив се поставува прашањето кој ќе им го плати повисокиот данок. Од Финансии советуваат овие граѓани да се изборат тоа да го направи една од компаниите исплатувачи, во спротивно доплатата ќе падне на товар на самите физички лица.

Првиот финансиер уверува дека оваа власт успеала да го стабилизира јавниот долг, од 48,6 отсто од БДП на крајот на 2016, годинава ќе ја завршиме со 48,2 проценти. Задолжувањата ќе продолжат и идната година, министерот тврди, нето задолжувањето ќе биде за покривање на буџетскиот дефицит, сума од 17 милијарди денари или 288 милиони евра. На домашниот пазар аукциите на државни хартии од вредност ќе продолжат како и годинава, ќе се одржуваат по два пати месечно.

„Задолжувањето кое е изгласано од Собранието и е за покривање на буџетскиот дефицит од нешто над 17 милијарди денари, тој е намален заради постепената фискална консолидација“, вели Тевдовски.

Министерот очекува економијата да продолжи во позитивна насока следната година, и ќе биде движена од приватниот сектор.

Нина Нинеска-Фиданоска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ