УЈП електронски ги испраќа пријавите, граѓаните да си ги видат и ако сакаат, до крајот на мај да ги коригираат

Близу 630 илјади граѓани веќе ги добиле по електронски пат претпополнетите годишни даночни пријави од Управата за јавни приходи, за утврдување на персоналниот данок на доход за минатата година. Даночните власти ги известија граѓаните дека до крајот на месецов, до кога истекува и законскиот рок, ќе бидат испратени сите пријави, така што во следнава недела ќе стигнат и последните околу 70 илјади.

Веќе од стартот на мај, даночните обврзници ќе имаат на располагање еден месец да ги проверат пријавите што им ги испратила УЈП, ако се во ред само да ги потврдат, доколку не се, да ги коригираат.

Што точно од почетокот на наредниот месец треба да направат граѓаните, кои веќе се регистрираа во системот? Првично треба да влезат на страната на УЈП е-персонален данок, или конкретно e.pdd.ujp.gov.mk, и таму преку својот мејл да влезат на нивниот кориснички профил.

Има решение и за оние што ја заборавиле лозинката кога се регистрирале.

УЈП не очекува проблеми, граѓаните кои сметаат дека податоците на даночниците не се совпаѓаат со нивните за оствареените приходи, ќе треба да ги променат, и тоа ќе може да го направи се до крајот на мај. Ако и дотогаш даночниот обврзник не направи ништо, УЈП ќе смета дека пријавата е потврдена и таа ќе важи како конечна. Пријавата, пак, која граѓанинот ја коригигирал, а добила статус на конечна, ќе треба да биде одобрена од службено лице на УЈП, а доколку тоа не ја одобри, ќе се донесе решение за утврдување на персоналниот данок.

Иако законската обврска беше сите да се регистрираат до крајот на минатата година, се уште има и такви кои тоа не го сториле, даночните власти апелираат тие што побргу да дојдат во Управата и да ја завршат обврската. Казни нема да има, велат од УЈП, бидејќи целта е овој нов систем што побргу да се воспостави.

Пензионерите кои немаат други приходи освен пензијата беа ослободени од обврската да се регистрираат во системот на УЈП.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ