УХМР предупреди на можни излевања поради обилните врнежи што следуваат

Најава за обилни, некаде и поројни врнежи од дожд од над 50 литри на метар квадратен, а во крајните западдни и југоисточни делови и над 70 литри, од денеска попладне па во наредните денови ќе ја зафатат земјава, а на одредени места ќе има и грмежи, засилен ветар и град, предупреди Управата за хидрометеоролошки работи. Од Диреркцијата за заштита и спасување велат дека доколку врнежите паднат во период од 72 часа не би требало да има проблеми, но ако се случат за краток период на помали сливни површини, можна е појава на локални излевања. Тврдат дека се будни, го активирале Оперативното тело за справување, а имаат и зголемена мобилност и подготвеност на постојаниот состав на силите.

Апелираме на внимателно движење покрај водотеците и суводолниците, во крајниот запад, југо-запад и северо-запад, каде постои можност од локални излевања и можна појава на свлечишта и одрони, особено на патниот правец Маврово-Дебар-Струга. Покрај овие региони, за особена внимателност од можна појава на локални излевања ги посочуваме сливовите околу планината Кожув и Гевгелиско-Валандовскиот крај, велат од Дирекцијата.

Хидрометеоролозите велат дека вакви врнежи во пролетниот период не се невообичаени, но сега е карактерситично што поради обилните дождови што ги имавме претходно, почвата е заситена со влага, па прашање е колку може да ги прими новите врнежи. Сепак, тврдат дека засега нема опасност од поплави.

Очекуваме заради ваквите врнежи да има протекувања, односно излевања на водите, а тоа ќе го зголеми водостојот на реките. Но, акумулациите беа празни и за поплави во овој период не може да се зборува“, вели Ангелко Ангелески, Советник за агрометеорологија при УХМР, Скопје.

Врнежите ќе ја прекинат пролетната сеидба, бидејќи ќе има и пониски температури, а влажната почва нема да дозволува да се влегува во нивите. Тоа ќе го успори развојот на пролетните култури.

Од Дирекцијата за заштита велат дека следењето на моменталната состојба се врши согласно Националниот план за заштита од поплави, а силите за заштита и спасување се во оперативна состојба за нивно можно ангажирање. Во функција биле и сите материјално-технички средства и опрема со кои располага Дирекцијата. Нејзините подрачни одделенија и единиците на локалната самоуправа се предупредени за потребата од преземање мерки. Велат, во постојан контакт се и со другите надлежни субјекти заради координирано делување и справување со можните појави на поплави, за што навремено ќе ги известуваат медиумите и населението.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ