
Угостителите сфатија дека треба да ги почитуваат мерките притив корона вирусот
Со медицински маски и ракавици, екипи од Државниот пазарен инспекторат, синоќа ги чешлаа скопските улици. Контролата , дали се почитува забраната за работа по 18 часот и останатите мерки од владата против ширење на корона вирусот, започна пред една позната скопска пекара. Беше констатирано дека се почитуваат мерките, па екипите, распоредени во повеќе возила, продолжија во обиколка на казината и обложувалниците во Центар, Бит пазар, Чаир, Бутел и Скопје Север. По дојава дека во познато казино се влегува на задна врата и се седи по дозволеното време за работа, пазарните инспектори се обидоа да влезат, но наидоа на затворен објект. Па, падна договор локалот да се проверува повеќе пати во текот на ноќта. Иако не пишуваа кривични пријави, најчеста забелешка од инспекторите беше присуството на вработени во некои локали, каде и без гости се вршат работни задачи, како во ресторан при познат хотел кај „ Мавровка“ , а и во казино во Скопје Север.
- После 18 часот не се примаше никој. Но не знаевме дека од вчера стапи на сила тоа што треба, да не се работи, главно.- Проблемот беше што сепак бевте отворени?-Главно да!, вели Виктор Мирковски- вработен во казино „ Стар“
При теренските активности, скопските инспектори комуницираа со колегите од внатрешноста. А, кон крајот на смената, растераа група млади кои во спортска сала што се изнајмува , на улица „ Џон Кенеди“, играа фудбал. По три вечери контроли, свеста кај граѓаните за почитување на превентивните мерки е на повисоко ниво, рекоа од скопското одделение при ДПИ.
- Мали проблеми имавме на почетокот. Но, вечерва беше не само во Скопје, туку и на територијата на цела Македонија, имавме мирна вечер. Никаде нема проблеми. На територијата на цела држава се почитува одлуката на влада. Дири и граѓаните и јавната свест, мислам дека денеска е малку на повисоко ниво, вели Мери Проја Продановска- раководител на Инспекциски надзор при ДПИ-Одделение Скопје
И во Тетово минатите три вечери пазарната инспекција беше на терен. Мерките се почитувале во околу 95% од проверените објекти, а проблеми имало по селата, велат пазарните инспектори.
- Од прилика 95% одговараат позитивно, Имавме мали проблеми по селата, но немаше потреба да се вклучи полицијата, изјави Љиљберт Мемети- раководител на ДПИ-одделение Тетово
И по синоќешната обиколка на кафулиња, ресторани, казина и обложувалници , со две групи инспектори , во правец на Гостивар и Јажинце, објектите биле на време затворени, утврдиле инспекторите.
- Угостителските објекти се во целост затворени. Така беше и минатата ноќ. Се надевам дека така ќе остане до 25 март, до кога важи ограничувањето за нивната работа, вели Горан Митрушевски-пазарен инспектор од Тетово
Од пазарна инспекција најавија дека ќе продолжат со проверките за почитување на мерките против ширење на корона вирусот.
Сотир Трајков