Угостителите и обложувалниците нема да можат да го поништуваат прометот

Даночните власти со нови закони сакаат да му застанат на патот на даночното затајување, кое и натаму е раширена појава. Кај угостителските објекти кои служат храна и пијалоци и кај обложувалниците, фискалните сметки ќе можат да се сторнираат само во првите 15 минути од нивното издавање. Сите продавници, пак, кон сметката што се сторнира, ќе мора да ја приложат и фискалната сметка. Оваа обврска и досега беше пропишана со подзаконски акти, но даночните обврзници често не ја почитуваа. За оние што ги повторуваат прекршоците, се враќа во игра клучот на врата.

„Се пропишува временско ограничиување од 15 минути за сторнирање сметка за пијалаци и храна, ресторани, кафулиња, дискотеки, а се пропишува и временско ограничување од 15 минути за сторнирање сметка и во обложувалници, како и приложување фискална сметка кон сметката што се сторнира. При издавање фискална сметка, ќе треба точно да се внесе начинот на плаќањето, дали ќе се плати во готово, или со платежна картичка, а во случај на повторување на прекршоците од страна на даночните обврзници, со измените се пропишува и забрана за вршење дејност во деловна просторија на определен временски рок“, вели Сања Лукаревска, директорка на Управа за јавни приходи.

Со сторнирањето на сметките дуќаните всушност го поништуваа прометот, како тој воопшто да не бил насправен, со што се избегнуваше плаќањето на даноците. УЈП открила дека во последниве две години бил сторниран промет од над 16 милиони евра, од вкупниот од 276 милиони. Сторнирале продавниците од сите дејности – продажба на мебел, комјутери, текстил, накит, часовници, козметички салони, цвеќарници, автомеханичари, а на оваа појава не биле имуни дури ниту погребалните претпријатија.

Во првите два месеци од годинава УЈП спровела 268 конроли, од кои кај дури 215 објекти се утврдени неправилности. Од нив повеќе од половината се во Скопје. Главно не издаваат фискални сметки или користат комјутерски сметки – маркери, како замена за фискалните. Лукаревска вели дека веќе точно знаат кои обврзници се ризични и каде треба да ги насочат контролите.

„Има даночни обврзници, пред се угостителски објекти, кои по 6 пати имаат направено ист прекршок, а во исто време се први поборници за намалување на казните и се жалат дека казните се ригорозни“, вели Лукаревска.

Казните, иако се намалени, ќе се одредуваат согласно приходите, бројот на вработени и претходното поведение на даночниот обврзник. Пред да изречат глоба, инспекторите мораат да одат со опомени.

А за да се мотивираат граѓаните сами да бидат иснпектори и да пазаруваат во дуќани каде се издаваат фискални, од први јули стартува мерката поврат на ДДВ. УЈП и Финансии уште анализираат и прават споредби со други земји, за тоа за кои производи и до кои износи да важи мерката, но и за оние кои не можат тоа да го прават преку мобилен, кои решенија да се применат.

Но, не само преку неиздавање на фискални и сторнирање на прометот, има затајување и кај другите даноци. Од вкупно 42 објекти, откриено било затајување на еден милион евра, но се очекува бројката да расте, бидејќи целосно не се довршени контролите.

 

Нина Нинеска Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ