
Угостителите го почитуваат ограничувањето за работа и бараат построги мерки за граѓаните
- Забраната за јавни и приватни собири, за да не се шири корона вирусот, го претвори Скопје во град на духови. После 18 часот, затворени се и кафулињата и рестораните од левата и десната страна на кејот на Вардар, во Скопската чаршија, на улица „ Џон Кенеди“, а и овдека на Боемска улица, за која се слушаа шпекулации дека зад затворени врати во локалите сепак се работи.
После 18 часот, наидовме на персонал во дел од угостителските објекти. Го метеа подот и го броеја дневниот промет. Угостителите и граѓаните не беа расположени за изјави во камера. Оние малкуте што се одважија да зборуваат , ги подржуваат мерките на владата. Но, бараат да се воведат уште построги мерки за да не се шири заразата со корона вирусот меѓу несовесните граѓани и да бидат обештетени за финансиските загуби што ќе ги претрпат.
- Мислам дека треба да се воведат и уште построги мерки зашто проблемот не е до работењето и начинот на работа. Проблемот е до самата свест на граѓаните, на жителите на градот Скопје зашто гледам дека граѓаните не ги почитуваат тие мерки и се однесуваат малку лабаво, вели Дејан Мирчевски- вработен во „ Кубански ресторан“
- Ова е добро, само треба да размислуваат граѓаните како да го искористат тоа. Да седат дома, во карантин. И да се обештетат локалите кои ќе изгубат од профитот?- Па, да, нормално е тоа !, вели жител на Скопје.
На изгаснати светилки и на затворени врати, со уредно известување до муштериите дека работат до 18 часот за да не бидат казнети според Кривичниот законик, наидовме и во фитнес центрите, игротеките и обложувалниците. Граѓаните тоа го оправдуваат.
- По коцкарнициве најмногу има пациенти за играње. 80% од нив се фаќа. Допри пари, допри железо, фати се за лице, се фаќа корона вирус од тоа. Подобро е вака, да, смета жител на Скопје.
Од Пазарен инспекторат до сега не утврдиле неправилности, а, од Трудова инспекција велат дека до сега не поднеле кривични пријави зашто при обиколката на Скопје и околината во изминатово деноноќие, 95 % се почитувале препораките. Работат и за викендот и будно ќе ја следат ситуацијата, вели директорот Аљадин Хавзиу. А, во насока на почитување на забраната за јавни собири, МВР сношти избрка група млади , собрани на Водно и апелира да се почитуваат мерките.
Сотир Трајков