
Угинаа риби во Вардар заради индустриски отпад – реката носи ризик за инфекции, алармираат докторите
Диви патки слободно пливаат во Вардар, додека во делови од реката угинуваат риби поради испуштени отрови во водите. Индустриски отпад завршил во реката и заради тоа градоначалникот ќе инсистира покрај прекршочна, да има и кривична одговорност за причинителот на еколошката катастрофа. Шилегов не сака да се стави пред одговорните институции и да открие кој е загадувачот.
„Ние ќе дадеме доволно добри сигнали, индиции и анализи коишто ќе може да упатат на сторителот. Во текот на денешниот ден, испитувањата од водата и целокупниот предмет ќе бидат предадени на надлежниот инспектор за води во нашата држава. Јас ќе барам и ќе инсистирам, имајќи во предвид дека имавме сериозно нарушување на еко-светот односно помор на риби, освен прекршочна постапка која е стандардна во оваа варијанта, да се испитаат сите можности од страна на Државниот инспектор и да биде поведена и кривична одговорност“ изјави Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Деновиве, активисти алармираа за тоа што се случува со реката и објавија видеа на социјалните мрежи.
Водите на реката Вардар, дванаесетпати годишно се предмет на анализа од страна на доктори во Центарот за јавно здравје во Скопје. Тие велат дека водата и онака е полна со зарази и без овие дополнителни еколошки катастрофи коишто и се случуваат.
Мостри од неколкуте скопски реки секој месец завршуваат во лабораториите на Центарот за јавно здравје во Скопје.
„Центарот за јавно здравје – Скопје ги испитува следните реки: Вардар, Лепенец, Пчиња и Треска. Ние сме обврзани еднаш месечно да ги испитуваме овие води. Реката Вардар е четврта категорија по бактериолошка анализа, а хемиски е петта категорија. Тоа значи дека се наоѓа во највисоката категорија на загаденост. Во летниот период е многу поопасна ситуацијата затоа што имаме недостаток на вода во речните корита. Свесни сме секојдневно дека се испуштаат разни фекалии во реките и загаденоста е многу поголема.“ изјави Љупчо Костадиновски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје во Скопје.
За докторите е вклучен црвениот аларм, но се чини дека не и за риболовците. Камерата на Телма забележа еден од оние кои храбро фрлија трска во загадената река.
Петар Догов