Учениците остануваат дома, матурантите ослободени од матурата

Пандемијата оваа учебна година ги укина матурските забави, а како компензација за матурантите ја укина и државната матура и завршниот испит за средношколците. Владата освен што денеска одлучи до крајот на учебната година учениците да останат дома и да следат он-лајн настава, реши и оваа генерација матуранти да не полага матура. Тие ќе можат да се запишат на факултет со постигнатиот успех од сите четири учебни години.

„Учениците од оваа учебна година кои ќе стекнат само диплома за завршено средно образование, ќе се постапува идентично како со учениците кои се стекнале со диплома за завршено средно образование пред воведување на државната матура“, рече Арбeр Адеми, министер за образование.

Но ваквиот начинот на упис на факултетите дополнително ќе се регулира, информира Адеми, од што не е исклучено и можно полагање на квалификациони испити за упис, таму, каде ќе има повеќе заитересирани со ист број на бодови.

„Ние велиме дека квалификационен испит треба да се организира во таа студиска програма каде што има конкуренција и има ист број на бодови на повеќе од едно лице. Значи повеќе лица имаат ист број на бодови, а ќе се запишат ограничен број на студенти по примерот на запишување и упис во средните училишта“, вели Адеми.

Роковите пак за упис во средните училишта остануваат исти како и досега, но не и за првачињата. Тие наместо во мај во училиште ќе се запишуваат во јуни, а списоците на запишаните првачиња треба да бидат објавени од училиштата најдоцна до 15 јули.

До стартот на уписите и за основците и за средношколците, владата во соработка со министерството за здравство и  комисијата за заразни блести ќе подготви упатства и пртоколи како тие ќе се одвиваат.

И студентите пролетниот семестар го следеа преку далечинска настава, а предвидено е така да ги полагаат и колоквиумите, но и испитите од претстојната испитна сесија.

„Во тие одделни студиски програми, во одделни предмети каде што е невозможно да се организира испоит преку средствата на електорнска комуникациија, тие ќе бидат ослободени од оваа обврска“, изјави Адеми.

Освен новините за учениците министерот за образование информираше и дека сите наставници кои до денот на прогласување на вонредна состојба биле ангажирани со договори на определено, работниот однос им се продолжува до крајот на учебната година, а ќе се најде и замена за секое испразнето место.

Тамара Грнчароска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ