
Учениците од „Орце Николов“ нема да одат на екскурзија во странство
Учениците од гимназијата „ Орце Николов“, од трета година, денеска не дојдоа на настава. Причина е револтот, поради одлуката на Државниот просветен инспекторат, да се поништи екскурзијата низ Европа, на која требаше да тргнат утре. Од гимназијата велат дека причина за поништувањето на екскурзијата се технички пропусти во документацијата.
Директорот на гимназијата, кој не дава изјави во камера, во телефонски разговор потврди дека утре учениците нема да тргнат на планираната 6 дневна екскурзија , а одлуката за поништување од ДПИ ја добиле пред два дена. Митко Димовски рече дека инспектор дошол на 25 март и ја побарал документација за спроведување општа управна постапка за екскурзијата, без да направи записник и потоа донел одлука за поништување. Технички пропусти се причина за поништувањето на екскурзијата, вели Димовски.
Немаше потпис од претседателот на Советот на родители и поради недостатокот на потпис на еден од 5 члената комисија за евалуација на понудите за екскурзија. Можеше да ни укажат на овие т.н. недостатоци. Мислам дека причина е преставката од тројца родители до ДПИ, за цената и за дестинацииите, кои од порано им беа познати, вели директорот Димовски.
Од Државниот просветен инспекторат велат дека решението за поништување на екскурзијата е донесено поради повеќе утврдени пропусти во постапката, за кои е одговорен директорот.
Надвор од Годишната програма на училиштето е спроведена постапка за екскурзија во Германија, наместо како што стои во програмата , да се оди во Италија. Директорот склучил договор со агенција, без да добие согласност од Град Скопје за екскурзија во Германија, велат од ДПИ.
Учениците требаше да одат на екскурзијата преку туристичката агенција „ Дрим Холидеј“ и да ги посетат Белград, Будимпешта, Дрезден, Берлин и Виена, по цена од 16 870 денари, за која имаше поделени мислења меѓу родителите и децата.Имаме согласност од Град Скопје за екскурзијата и агенцијата ќе им ги врати парите на учениците, дополнува директорот на гимназијата „ Орце Николов“.
Сотир Трајков