
Уапсениот советник на министерот Спасовски ноќта ја минал во полициска станица, од денес во рацете на обвинителството
Членот на кабинетот на министерот за внатрешни работи ноќта по приведувањето ја минал во полициска станица. Полицијата ја подготвува кривичната пријава против него. Сомнежите се дека уапсениот функционер на МВР барал поткуп, но од министерството само кратко ја повторија информацијата со која го потврдуваат апсењето.
-По налог на Основното јавно обвинителство денеска од слобода е лишен Д.С., вработен во кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, под сомнение за сторено кривично дело по член 353 од Кривичниот законик – злоупотреба на службена положба и овластување, соопштија вчера од МВР.
Тој бил приведен во полициската станица Кисела Вода. Станува збор за долгогодишен припадник на МВР кој од влегувањето на Спасовски во министерскиот кабинет во техничката влада е назначен и за советник. Бил и во комисијата на МВР за надзор на приватните агенции за обезбедување.
Од обвинителството најавија повеќе информации во текот на денот.