
Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски уапсени за „крвавиот четврток“
Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски е уапсен за настаните на 27 април и упадот во Собранието. Покрај Вељаноски уапсени се и поранешниот министер за труд и социјална политика Спиро Ристовски, како и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Извори од истрагата потврдија дека се трага по уште две лица кои се во бегство, Никола Груевски кој е во Будимпешта и Никола Бошковски, кој пак е во Атина.
Според соопштението од ОЈО предистражната постапка укажува дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта.
За таа цел ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите, се вели во соопштението од ОЈО.
По спроведена сеопсежна предистражна постапка, наведуваат од ОЈО, надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, предвидено и казниво по член 313 од Кривичниот законик.
Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, стои во соопштението од јавното обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничените.