Јакимовски приведен поради злоупотреба на службената положба

Поранешниот градоначалник на општина Карпош, и претседател на ГРОМ, Стевчо Јакимовски и двајца вработени во општината  се приведени во истрага на одделението за организиран криминал при МВР, поради сомнение за злоупотреба на службената положба. Тој во моментов е на распит во Кривичниот суд. Во истрагата на обвинителството се опфатени уште шест лица, бизнисмени и вработени во општината. Според најавите за тројцата приведени ќе биде побаран притвор, а за останатите мерки на претпазливост.

Според првичните сознанија на Телма, Јакимовски додека бил градоначалник, извршил легализација на земјиште со што е намалена цената на државен имот. Првичната оценка на одделот за организиран криминал е дека со злоупотреба на положбата се проневерени еден милион евра, а тоа е разликата меѓу реалната цена и продажбата преку процесот на легализација. Станува збор за земјиштето кај ресторанот Имес во Карпош 4. Покрај тоа, Јакимовски се сомничи и за злоупотреба при јавни набавки затоа што набавувал жертењери со цвеќе од фирми без банкарски гаранции, иако тоа според истрагата било во надлежност на град Скопје.

Јакимовски во август 2018 доби мерки на претпазливост за истрага отворена од обвинителството за злоуптреба на службената положба. Од октомври минатата година тој е осомничен во истрага на СЈО, „Хармонија“.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ