
Турските инвестиции први на удар од кризата
Народна банка смирува, бизнисот загрижен – можат ли и колку турските проблеми да се прелеат во македонската економија. Денеска од теренот нема смирувачки вести, напротив – спорот меѓу Вашингтон и Анкара и натаму се заострува. Претседателот Трамп рече дека Турција не се покажала како добар пријател на САД. Американската администрација најавува можни дополнителни санкции ако американскиот свештеник Ендру Брансон наскоро не биде ослободен.
Турската лира, која неколку дена се стабилизираше по мерките на централната баснка и најавите од Катар за инвестиции од 15 милијарди долари, денека утрово почна да паѓа до 5,86 во однос на доларот, токму заради проценките на инвеститорите дека Турција може да очекува уште економски санкции.
Од Народна банка на Македонија со став дека од случувањата во Турција не се очекуваат директни негативни ефекти врз македонската економија. Таму имаме мал извоз, околу 1,5 отсто во вкупниот, а со нешто повеќе, 5 проценти, учествува увозот. Но, велат од НБМ, во однос на турските инвестициии, кои во вкупните учествуваат со 5,3 отсто, доколку се задржи неповолната состојба, таа би можела да се одрази на идните капитални приливи од таа земја.
Било која криза во земја која е голем инвеститор во Македноија, вели бизнисменот Рафајловски, секогаш и сериозно ќе се одрази во земјава и за нас тоа ќе биде клучниот проблем од турските случувања.
„Ние немаме толку голем број на земји кои се директни инвеститори, а Турција е еден од поголемите инвеститори во изминативе години, и мислам дека ова ќе се одрази на нивните инвестиции во земјава. Од таа причина, на Македонија што побргу и е потребен влез кон некоја поголема заедница, односно таа кон која целиме, Европската унија, што побрз влез, бидејќи само така, кога ќе бидеме на еден поголем пазар, а не микро пазар како нашиот, имаме некаква шанса, овие удари, кои и во светот ќе се почувствуваат, да се ублажат“, вели бизнисменот Горан Рафајловски.
Од НБМ тврдат дека нашиот банкарски сектор ќе биде отпорен, а банката која е во доминантна сопственост на турски акционер, во најголем дел се финансирала на домашниот пазар и не зависела од матичната банка.
Најважно за нас, велат од НБМ, е како турската криза ќе се одрази врз европската, бидејќи таа е наш најголем трговски партнер.
„Се оценува дека турската состојба би имала минорни ефекти врз економијата на ЕУ, со оглед на релативно слабата изложеност на европските компании и банки кон турските партнери. Можноста за позначајни преносни ефекти врз македонската економија засега се оценува како лимитирана, иако неопходно е будно следење на состојбите во турската економија“, велат од Народна банка.
Бизнисот има многу поголеми стравувања.
„Размената на Турција со ЕУ е огромна, и сето ова не е возможно да не се одрази во нивната економија. Дали турските производи во почетокот ќе поевтинат, па потоа ќе поскапат, дали наеднаш производителите во Турција ќе се најдат во ситуација да не можат да допроизведат доволен број бидејќи репроматеријалите што ги увезуваат ќе им станат поскапи, па ќе треба да работаст по друга цена. Кога ЕУ се плаши дека ќе ги почувствува последиците од турската криза, не знам од каде ние би имале храбротст да не се плашиме дека истото нема да се случи и кај нас“, вели Рафајловски.
Минатиот месец турската компанија Мурат Тиџерат почна изградба на фабрика за кабли во зоната во Бунарџик и најави отворање на 300 нови работни места. Инвестицијата се проценува на 7 милиони евра. Лани во мај, во скопската зона стартуваше изградбата на турската Чагатај Кабло, која исто така треба да биде готова до крајот на годинава и да отвори 200 нови работни места.
Во февруари годинава премиерот Зоран Заев беше во официјална посета на Турција, а по средбата со премиерот Јилдирим изјави дека Турција е шеста земја според бројот на инвестиции кај нас, а нашите властио се подготвени да создадат услови за уште повеќе вложујвања на компании од таа земја. Премиерот таму се сретна и со раководството на ТАВ, концесионерот на аеродромите, и тогаш се најавија инвестиции од 45 милиони евра од таа компанијуа во проекти во земјава.
Нина Нинеска-Фиданоска