Туристичките агенции ќе протестираат ако државата не им помогне
Целосно отворање на границите, воведување протоколи како во останатите европски држави, неповратна финансиска помош од 500 евра за фирми до пет вработени и од 1.000 евра за фирми со над пет вработени, минимална плата од 14.500 денари, платени придонеси, одложување на исплатата на кредитите, ослободување од ДДВ и аконтација до крајот на годината, одобрување бескаматни кредити за сите без никакви услови, а за оние веќе одобрените пролонгирање на грејс периодот од шест на 12 месеци, се само дел од барањата на туристичките агенции од земјава.
Тие денеска најавија дека ќе протестираат ако државата не им помогне. Како што рекоа на прес-конференција пред Министерството за економија, повеќе од 100 дена воопшто не работат, профитот им е нула, а имаат трошоци за кирии, сметки, плати. Доколку ваквата ситуација продолжи, голем дел од нив ќе банкротираат и од септември ќе бидат принудени да затворат, да останат без работа.
Барањата ги доставиле до министерствата за економија и за финансии на 11 јуни, но засега се уште немаат добиено никаков одговор. За мерката што вчера ја најави министерот Крешник Бектеши, не се информирани, ниту некој засега ги повикал на разговор.