Туристичката сезона ги полни и џебовите на корумпираните полицјаци на граничните премини

Не еден туку петмина полицајци, не само во една смена туку постојано.

Пари, алкохол, вредни предмети, примале се што е вредно.

Полициската смена на граничниот премин Богородица синоќа паднала во заседа како зема мито.

Нивните жртви се превозниците за туристичките агенции и возачите на камиони. Наплаќале за да не извршат проверка, или да ги премолчат недостатоците во документацијата.

МВР не запира со пресметување со криминалот во своите редови, а ова е трет случај во една недела како полицајци се занимаваат со примање мито, препродажба на дрога и други криминални активности.

МВР во своите редови има и полицајци побогати од министерот и од бизнисмени, ќе се согласи со овие наводи и министерот Оливер Спасовски како што исто така се согласи со законските измени да им се укине обврската на полициските службеници да пријавуваат имот.

До сега четирите големи сефови во внатрешната контрола на МВР ги криеа податоците за имотната состојба на полицајците.

Сите полицајци имаа обврска да поднесат имотен лист, ама никогаш не им биле проверени или ги надополниле.

И таа проверка на имотната состојба на полицајците била премногу сложена за властите, па поради тоа сега со новиот закон од јануари е укината обврската полицајците да си го пријават имотот.

Сефовите кои се странска донација ќе останат празни, ГРЕКО ќе бара да се најде начин да се истражи имотот на полицајците.

Спасовски најавува брзо законско решение за ветинг односно проверка на полицајците, но кај нас ветингот се уште се предлага само за полицајци, иако експертите велат дека треба да ги опфатат и останатите структури кои се

борат со криминалот, а се подложни на корупција.

Павле Беловски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ