
Црвенковски на референдумот ќе гласа ЗА
Поранешниот претседател, Бранко Црвенковски на референдумот ќе гласа ЗА. Во писмена изјава до јавноста, Црвеновски пишува дека ќе гласа ЗА, не затоа што смета дека преспанскиот Договор е голема победа и успех, туку затоа што е нужност, од која во даденава ситуација нема бегање.
„Ќе гласам ЗА, не затоа што мислам дека неговото спроведување нема да предизвика негативни последици, туку затоа што негативните последици од неговото пропаѓање, ќе бидат несразмерно поголеми“, пишува Црвенковски.
„Знам дека имате многу причини за незадоволство од функционирањето на актуелната власт. Знам дека имате уште повеќе причини за незадоволство од функционирањето на сите досегашни власти. Но, односот кон политичарите и политичките партии се искажува на избори. На 30-ти септември е нешто сосема друго. На овој референдум ќе се одлучува, не кој ќе владее, туку кој пат кон иднината како држава ќе го избереме. На 30-ти септември, и покрај сите мои тешки внатрешни дилеми ќе го послушам сопствениот разум и ќе гласам ЗА“, пишува Црвенковски и додава дека евро-атлантските интеграции се единствената добра опција за нашата иднина.