
Црвените линии на Заев се предметите на СЈО
Викендот пред стартот на новата рунда преговори за законот за обвинителство, во двете најголеми партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ има оптимизам дека усогласување е можно. Од Владата потенцираат дека законот треба да се донесе најдоцна до 15-ти септември, но при тоа не смее да се отстапи од обезбедување иднина за предметите на СЈО, за кои е неопходен континуитет.
Во работната група на ВМРО ДПМНЕ велат дека постои волја да се работи на заеднички прифатливо решение. Но, со оглед на актуелните случувања околу аферата „Рекет“, бараат да се истражи и да се има предвид улогата на секој вработен во СЈО.
И премиерот Заев бара брзи истраги но и брзи одлуки, пред `се за веде раководител на Специјалното обвинителство како времено решение. Трајното решение го гледа во законот, кој во вторник е на собраниска седница. Доколку не се постигне договор со ВМРО ДПМНЕ, власта ќе бара дво-третинско мнозинство меѓу самите пратеници.
Разговорите меѓу работните групи се закажани во понеделник на пладне. Неколку месеци партиите не можат да се усогласат: дали СЈО да премине целосно во Обвинителството за организиран криминал со сите предмети и капацитети, како што предлага Владата, или враќање на истражителите и обвинителите на претходните работни места, како што предлага опозицијата.
Соња Николовска