
Црвениот крст донесе хуманитарна помош во Дебар
Донација хуманитарна помош од Црвениот крст попладнево беше во засега најпогодениот град од коронавирусот – Дебар. Храна, хигиенски средства, ќебиња, душеци и облека веќе е складирана во магацинските простории на локалната организација на Црвен крст.
„Распределбата ќе почне утре. Помошта е наменета за стари и изнемоштени и инвалидизирани лица, како и семејства кои се во тешка социо – економска состојба. Во распределбата ќе бидат вклучени триесеттина наши волонтери“, изјави Исни Телќиу, секретар на дебарскиот Црвен крст.
Волонтерите на дебарската организација на Црвен крст, ден по прогласувањето на крзната состојба во регионот доставија храна, лекови и облека во селата Гари, Мелничани и Лазарополе, во подрачјето на Мала Река, и на четворица возачи на камиони кои останаа заглавени кај Бошков Мост. Тие доставија облека на осумдесетина лица кои се заглавени во Дебар и се сместени во хотелите на „Дебарски Бањи-Цапа“.
Во моментов во Дебар има 110 лица, од кои 21 државјанин на Шведска, кои не се жители на градот и кои беа затекнати од прогасувањето на кризна состојба во регионот.