Црвен ревизорски картон за македонска навигација- нереализиран кредит од 11,5 милиони евра и адвокат со скапа тарифа

Иако новите навигациски системи за побезбеден воздухопловен сообраќај требаше да се при крај, проектот за надградба на системот кој треба да донесе и поголеми приходи и поголема безбедност на небото се уште не е до крај. Кредитот од ЕБОР не е повлечен целосно, поради што и државните ревизори на М-НАВ им напишаа неповолен извештај за финансиското работење.

Црвен ревизорски картон за македонска навигација, стои во анализата на ревизорскиот извештај за финансикото работење на М-нав.

Неповолната оценка, навигација ја има заработено поради лоши планирања на финансиските средства пред се за исплатени адвокатски услуги, лоша проценка на потребите од стоки и услуги, но најголем дел од извештајот зафаќа проблемот со нереализираниот кредит на ЕБОР од 11,5 милиони евра за модернизирање на воздушната контрола со што ќе се заработат дополнителни пари од прелети и подобра безбедност на авионскиот сообраќај на македонското небо.

До крајот на 2019-та се повлечени помалку од третина од предвидените пари или 3,2 милиони евра од кредитот.

Од тие пари М-нав за надомест за нереализираниот кредит и за камати исплатило над 320 илјади евра, стои во ревизорскиот извештај.

-Проектот за надградба на македонскиот систем за водухопловна навигација-втора фаза, финансиран од ЕБОР, поради одолговлекување на постапката има минимална искористеност на средствата и системите се уште не се во оперативна функција, констатира ДЗР, со Ревизија за финансиски извештаи на М-НАВ до 2018 г.

Целиот проект требаше да биде пред крај, но имаше големи одлагања и промени на плановите за што М-НАВ ги доставило сите одлуки до ревизорите кои пак не ги прифатиле објаснувањата на навигација. Нов радар, нова сала, нова опрема сето тоа треба да се набави, вгради и да почне да се употребува, но досега целиот процес е успорен.

Поради застарената опрема имаше и неколку испади, се исклучи системот за надгледување во 2018 поради неуспешен и ризичен тест, потоа радарот на скопскиот аеродром неколку дена пред слетувањето на Папата престана со работа, па се користеше резервниот, и на крај протекоа снимки од кабинетот на генералниот секретар на владата Драги Рашковски за убрзување на процедурата и потпишувањето на договорот со италијанската компанија Леонардо.

За сите настани, обвинителството отвори предмети и ги истражува.

Во ревизорскиот извештај е откриено и дека договорите со две адвокатски канцеларии се платени трипати поскапо од планираното без измена на финансиските планови.

Во 2018-та еден адвокат добил околу 38 илјади евра од М-нав иако ревизорите тврдат дека за наплатата не е користена тарифата на адвокатската комора.

Иако М-нав на најголем дел од извештајот имал забелешки на цели 16 страници, ревизорите во најголем дел не ги прифатиле објаснувањата на институцијата.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ