Црвен Крст во Тетово остана без објект поради самоволие толерирано од надлежните

Општинската организација на Црвен крст Тетово тврди дека на незаконски начин одземен им е објект во нивна сопственост. Претседателот на организацијата Ќатип Бесими, вели дека се работи за објект лоциран во близина на жена паркот во Тетово, кој според него бил отуѓен, преку организиран криминал во кој се вклучени повеќе институции. Се започнало во 2005 година, кога како што рече претседателот на Црвениот крст Тетово Ќатип Бесими, тетовска фирма не сакала да го напушти објектот, која го имала земено под закуп од Црвениот крст, иако договорот за закупот бил истечен.

За оваа узурпација вели тој, се жалевме до тетовскиот суд, но фирмата закупец замина во стечај, и моравме жалбата да ја поднесеме до управителот на оваа фирма.
Но, лицето управител како што изјави Бесими, во меѓувреме на криминален начин го легализирал објектот на негово име, откако претходно катастарот незаконски го избришал црвениот крст како сопственик на имотот, а секторот за урбанизам без соодветна процедура го легализал објектот.

Црвениот крст во изминативе десет години три пати поднесува жалба до Министерството за транспорт и врски, од кое бара да се поништи целата постапка за легалзиација. Министерството ги уважува жалбите и носи решенија предметот да се врати на повторно разгледување од страна на Општина Тетово, но градските власти ги одбиваат решенијата за повторување на постапката.

„Пред еден месец одбиено и е последното решение кое во наша корист го донесе новиот министер Горан Сугаревски.Крајно време е Министерството за транспорт и врски, да и ги одземе ингеренциите на Општина Тетово во областа на урбанизмот, затоа што не ги почитува нивните решенија“, велат од Црвениот Крст.

Од Општина Тетово, само накусо ни одговорија дека преку Секторот за урбанизам до Министерството за транспорт и врски, повторно ги испратиле сите документи околу постапката за легализација на спорниот објект.

Велат дека Општина Тетово уште во 2012 година ја завршила легализација на објектот кое му припаднало на лице, кое доставило барање за оваа постапка.

Црвениот крст бара во случајот да се вклучат сите надлежни институции, меѓу кои и Специјалното обвинителство, затоа што како што велат се работи за голем организиран криминал, во кој се вклучени и локални и централни власти.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ