
Ципрас се надева дека земјава за неколку месеци ќе стане Северна Македонија
Грчкиот премиер Алексис Ципрас се надева дека ако сѐ ќе оди по планот за неколку месеци земјава ќе го смени името и Уставот и новото име ќе биде Северна Македонија. Ципрас изјавата ја даде пред Европскиот парламент одговарајќи на прашање на грчки европратеник за тоа, дали премиерот Зоран Заев, кој в четврток ќе биде во Европскиот парламент, ќе ја претставува Северна Македонија и северномакедонската нација и јазик или македонската нација и јазик. Ципрас на ова возврати со прашање: „Како досега ја нарекуваа државата во Европскиот парламент?“.
„Ова е Европскиот парламент, не можеме да се однесуваме како во грчкиот парламент и да ја сметаме оваа тема за табу, да ја закопуваме главата в песок. Знаете дека со години ја имавме главата в песок, додека реалноста беше поинаква. 140 земји, меѓу нив и најмоќните како САД, Кина, Русија, ја признаа оваа земја под нејзиното уставно име, а тоа име е само Македонија. И Груевски и си други лидери на ова земја со години се нарекуваа себе си Македонци и земјата Македонија и никој не се жалеше, никој не беше иритиран“, рече Ципрас.
Ципрас притоа нагласи дека до сега македонските граѓани влегуваа во Грција со пасош на кој стои Република Македонија и ако се смени ситуацијата тие ќе влегуваат како граѓани на Северна Македонија.
Ципрас притоа рече дека Груевски, кој припаѓал на есктремната десница ја наполнил земјата со споменици на Александар Велики, присвојувајќи дел од грчката историја и оти во иднина никој во соседната земја, ниеден премиер, нема да има право да каже дека Александар Велики е дел од нивното наследство.
„Она што е уште поважно, најважно од се, е фактот дека секој иден премиер на оваа земја ќе потврди дека неговата земја е словенска земја и јазикот е словенски јазик, и тоа досега не се случило“, рече Ципрас.
Ципрас од Европскиот парлмент упати и критика до опозициите во Грција и во Македонија. Според Ципрас, токму тоа што и него и Заев опозициите во секоја од земјите ги нарекува предавници, тоа веројатно значи дека и тој и Заев прават нешто добро, на што тој, како што рече, е многу горд.
Тамара Грнчароска