
Ципрас се надева дека Русија ќе не признае како Северна Македонија
Со склучувањето на Договорот од Преспа, грчкиот премиер вели дека станал посилен, а Грција како држава добила лидерска улога за стабилизација на регионот. Ципрас кој е во посета на Москва, на покана на Путин, во интервју за руската емисија Формула на моќта, објаснува дека Договорот не е поврзан со одлуката на Македонија да влезе во меѓународните органзации, туку со решавањето на едно историско нерешено прашање, што за Ципрас е многу важно. Тој се надева дека многу скоро ќе се користи географската одредница Северна Македонија.
- Верувам дека од сега па натаму ќе се промени и ќе им овозможи на голем број земји во светот, вклучувајќи ја и Русија, да престанат да ја признаваат под нејзиното денешно уставно име, односно името Република Македонија, туку ќе ја стават географската одредница Северна Македонија, бидејќи Македонија за нас е многу важен елемент на нашето античко- грчко, културно наследство и култура, па така, тука треба да постои јасна и искрена поделба. За мене ова е еден важен чекор, вели Ципрас.
Додека Ципрас во Москва истакнува дека сака да ја продолжи својата улога на помирувач во регионот, продолжувајќи со Турција и Кипар, Русија отворено се спротиставува на преспанскиот договор. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во денешното интервју за весникот „Ефимерида“ во својата оценка за ситуацијат на Балканот, вели дека САД насила ја турка Македонија во НАТО. Лавров обвинува дека уставните измени поврзани со Преспанскиот договор во Македонија било постигнато со „уцени и поткуп на пратеници“ во што бил вмешан и амбасадорот на САД во земјата.
- Вреди да се спомене фактот дека ваквото брзање и служи на единствената цел на Вашингтон за итно вклучување на Скопје во НАТО. А консултациите со Брисел, како што говори искуството, може да траат и неколку децении, смета Лавров.
Во однос на регионот, министерот за надворешни работи на Русија вели дека ситуацијата на Балканот предизвикува загриженост, бидејќи НАТО и ЕУ им поставуваат дилема на земјите, да бидат илине со Москва – постапки кои, според Лавров, само ја зголемуваат тензијата.
Алиса Шутиноска