Ципрас побара доверба од пратениците во интерес на земјата и регионот

„Демократијата ќе победи“ се зборовите со кои грчкиот премиер Алксис Ципрас го заврши своето обараќање пред пратениците на седницата на која треба да се гласа за довеба на неговата влада. Ципрас во обраќањето не зборуваше само за она што неговата влада до сега направила туку и што треба да направи. Во контекст на решавањето на спорот за името Ципрас наведе дека кон тоа пристапиле со чуство на одговорност кон историјата, националиот интерес и иднината на земјата и на регионот, но и за поголемо лидерство на Грција на Балканот. Ципрас рече дека со промената на власта во Грција и поразот на Груевски се создала голема можност.

„Мојата совест и патриотска должност ме натераа да ја искористам оваа историска можност за решавање на македонското прашање, знаејќи дека ќе има политичка цена“, рече Ципрас.

Тој притоа рече дека патриотизам не е да бидеш лицемер и опортунист  пред големите национални прашања.

Ципрас ги повика пратениците да му ја дадт довербата велејќи дека Грција во 2019 е друга земја од онаа во 2015, кога СИРИЗА ја презела власта.

Лидерот на најголемата опозициска партија, Кирјакос Мицотакис, остро го нападна Ципрас за Договорот од Преспа.

„Вие господине Ципрас го дадовте македонскиот идентитет и македонскиот јазик на Македонците. Навистина, од кога се тие дел од националната линија?“, рече Мицотакис.

Гласањето за доверба на владата во грчкиот парламент започна со прегрупирање на пратениците. Откако Панос Каменос ги исклучи од Независни Грци пратениците кои му откажаа послушност, од денеска тој пратеничката група ја засили со преминување во нивните редови на независниот пратеник Аристидес Фокас. Каменос во интервју за грчка телевизија Стар изјави дека ќе се бори на сите начини што му ги овозможува уставот ќе се бори Владата на Ципрас да не добие доверба, бидејќи тоа е поврзано со Договорот од Преспа.

„Ќе направиме сѐ што можеме, во и вон Парламентот да го блокираме Договорот“, изјави Каменос.

И партијата Река денеска го исклучи својот пратеник Спирос Данелис, кој исто така отворено кажа дека ќе гласа за доверба за Ципрас. Официјалниот став на Река е дека нема да гласа за доверба на владата, а за Договорот од Преспа, секој нејзин пратеник ќе гласа според лично убедување.

Во меѓувреме додека траат превирањата на грчката политичка сцена околу Договорот од Преспа, ратификацијата на уставните измени се објавени во Службен весник во Македонија, со што се исполнети техничките процедури во земјава по кои таа ќе може официјално да ја извести Грција дека Договорот е ратификуван. Од македонското МНР се уште не кажуваат кога тоа ќе се случи.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ