Ципрас го информира грчкиот државен и политички врв за средбата со Заев

Грчкиот премиер Алексис Ципрас го информира државниот и политички врв во земјата за разговорите со Заев во Давос. Откако утрово го брифираше министерот за одбрана и лидер на десичарската Независни Грци, Панос Каменос, за исходот од трочасовната средба со Заев, Ципрас попладнево ќе одржи и министерски состанок, за веднаш потоа да средба и со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос. Грчкиот претседател претходно порача дека „дури и кога не се согласуваме ние мора да ги браниме нашите национални интереси“.

Ципрас ги повикал на оделни средби утре лидерите на политичките партии. Лидерот на грчката опозициона Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, потврди дека ќе се сретне со Ципрас изутрина. Потврда стигна и од претседателката на ПАСОК, Фофи Генимата, која истовремено го обвини Ципрас за водење тајна дипломатија. Ципрас ќе ги брифира за средбата со Заев и лидерите на Комунистичката партија и на Потами.

Грчкиот заменик-премиер, Јанис Драгасакис во интервју за „Евроњус“, еден ден по средбата Ципрас – Заев во Давос, на прашањето дали преговорите за името се во завршан фаза изјави дека станува збор за проблем стар 25 години кој не донел ништо позитивно.

„Нашата влада е посветена да ги истражи и да ги искористи сите можности и ако постои взаемно корисно решение, да се придвижи напред“, изјави Јанис Драгасакис, заменик-премиер на Грција.

На прашањето дали е тоа став на сите партнери во владата, Драгасакис наведува дека надвор од програмата на владата постои прашање на редефинирање на улогата на Грција во светот.

„Веруваме дека улогата која треба да ја играме не е затворена Грција, фобична Грција, туку нов патриотизам, отворени хоризонти, земја која сака да придонесе и придонесува кон решенијата на проблемите во регионот, да гради пријателски односи со сите“, вели Јанис Драгасакис, заменик-премиер на Грција.

Притоа тој за протестите, оној во Солун во неделата и најавените во Атина за 4 февруари под паролата „Македонија е Грчка“, и нивното влијание врз владата рече дека таа има обврска да се грижи за поширокиот национален интерес кој е да се реши минатото, во взаемен интерес.

Драгасакис притоа напоменува дека решението на прашањето изискува и јасни потези и од другата страна дека со иредентизмот е завршено.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ