Ципрас чека да му се изгласа доверба

Трае расправата во грчкиот парламент. Сите најави се дека Ципрас ќе ја добие потребната доверба од 151 глас. Но, сите очи се свртени кон ратификација  на Преспанскиот договор, кој е заднина на сите политички турбуленции на грчката политичка сцена. Договорот кој најмногу ги раскара коалициските партнери, ги разгоре и емоциите меѓу пратениците. Конкретен датум се уште нема, вели владиниот портпарол, но ратификацијата ќе биде навреме, потенцираше.

  • Треба да правиме по еден чекор. Денес се наоѓаме во фаза во која грчкиот Парламент расправа за гласање доверба, што ја побара премиерот. Штом заврши овој процес, премиерот ќе одлучи за конкретното време за доставување на договорот. Во овој момент не можам да одредам конкретен датум, но мојата проценка е дека нема да задоцни, изјави Димитрис Ѕанакопулос, портпарол на Влада на Грција.

Дека има обезбедено мнозинство потврди и претседателот на парламентот Никос Вуцис, кој рече дека в петок Договорот влегува во собраниска процедура, по што се очекува, како што објави Телма веќе во понеделник да се гласа.

До пред два дена беше тајна кои се шестте пратеника од помалите партии кои стојат зад Ципрас, но откако се објавија нивните имиња се зголеми и револтот во јавноста. Нивни плакати беа излепени низ Солун и други градови во Грција, а полицијата соопшти дека за овој чин уапсила четири лица. За владејачката Сириза денешното гласање е тест и за довербата која остана меѓу грчкиот народ по силните уверувања на Ципрас дека нема да се откаже од историскиот договор со кој се решава 27-годишниот спор за името со Македонија. Потребна му е довербата не само да го заврши мандатот, туку и да заврши одредени политички иницијативи. Но, сите истражувања на јавното мислење покажуваат дека Преспанскиот договор Ципрас ќе го чини успех на следните избори во октомври.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ