Цензусот не се менува, бројни дилеми за референдумот остануваат отворени

Референдум ќе има. Оваа кратка реченица постојано се повторува деновиве.Но, никој не знае кога тој ќе се одржи, кое ќе биде референдумското прашање, од каков тип ќе биде, кој ќе го организира, а кој финансира? Кој ќе ја води кампањата, кој ќе седи во набљудувачките клупи, а кој ќе одлучува за жалбите?

Бројни дилеми остануваат отворени, но никој засега не побарал од Министерството за правда да преземе  измени во законите. Единствената дилема што денеска се разјасни, е таа околу повиците да се намали цензусот за излезност. Министерката за правда изјави дека, такви суштински измени на Законот за референдум нема да има.

Законот за референдум не е усогласен со Изборниот законик и се повикува на непостоечки закони, како законите за избирачки список и за избор  на пратеници.  Нејасен е и делот што се однесува на заштитата на правото на гласање. Во Законот за референдум за ова е надлежен Врховниот суд, а во Изборниот законик – Управните судови. Поранешниот претседател на ДИК, во Топ тема на ваша страна укажа дека ако законот не се доуреди и се остави тоа да го прави Државната изборна комисија, која се уште не е ниту формирана, ќе се отворат многу правни дилеми, што ќе бидат различно толкувани.

Од опозицијата, пак, се уште не се изјаснуваат дали ќе учествуваат на  референдумот, но не се за законски измени.

Од распишувањето на референдумот, до неговото одржување треба да поминат најмалку 60, а најмногу 90 дена.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ