Центар за јавно здравје Тетово: Можно е да се повтори промената на мирис и вкус кај водата за пиење

Од Центарот за јавно здравје во Тетово предупредуваат дека во октомври и во ноември можно е водата за пиење да има промена на мирисот и вкусот, како изминатите две години. Ги советуваат граѓаните дека нема место за страв бидејќи изминатите години се утврдило оти нема нарушување на параметрите за безбедна вода.

– Промената на мирисот и вкусот може да се повтори поради паѓање на вегетацијата, односно лисјата во водата што се користи од реките Пена и Лешница во новиот водоснабдителен систем. Апелирам да не се крева премногу страв и да не се обрнува премногу внимание затоа што ние внимаваме на квалитетот и безбедноста на водата за пиење. Лани и предминатата година имаше многу јавувања за промена на мирисот и на вкусот и за среќа нашите испитувања покажаа дека сите останатите параметри се во рамки на дозволените граници и дека водата одговара на параметрите дека е безбедна за пиење, изјави специјалистот по здравствена екологија д-р Ратко Давидовски.

До оваа појава дојде во септември 2017 година кога почна да функционира новиот водоснабдителен систем со искористување на водата од реките на Шар Планина.

– Во овој период од годината поради намалување на штедроста на изворите на Шар Планина е вклучена и Пена и Лешничка река како и филтер станицата каде се кондиционираат овие параметри кои што треба да бидат во рамките на нормалните вредности, рече Давидовски.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ