Цените на нафтата и натаму ќе растат, РКЕ не може да влијае, на потег е Владата да ги заштити граѓаните

Цената на нафтата и натаму ќе расте на светските берзи. Не очекуваме драматичен пораст, но во вакви глобални политички односи, дури и најмала трзавица може да влијае, земјава не може ништо на промени, велат од Регулаторна. Ако поскапувањата и натаму продолжат, Владата е на потег да размисли како ќе ги заштити граѓаните од ценовни шокови.

„Факт е дека, заради зголемувади зголемувањето на цената на нафтата, а со тоа и цената на бензините и на дизелот во земјава, и приходите во Буџетот, по основ на ДДВ, се зголемуваат, па верувам дека треба да се направи анализа, да се види колку се тие приходи зголемени, и дали понатаму, преку одредени механизми, барем дел од тие средства ќе можат да се вратат, со цел воведување на заштитни мерки за крајните потрошувачи“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Од РКЕ се децидни дека имаат врзани раце, бидејќи мораат да ја применуваат методологијата донесена уште во 1999, со договорот за продажбата на ОКТА, ратификуван и од Собранието. Цените зависат од вредноста на нафтата брент на светските берзи, која сега е 86 долари за барел, но и од курсот на доларот, кој расте. Дури кога во јули 2019 ќе заврши тој договор, комисијата, согласно Законот за енергетика, ќе донесе нова методологија, и покрај трговците, за прв пат ќе бидат поканети и организациите на потрошувачи. Друга опција е пазарот целосно да се либерализира, но тоа може да ги вивне цените. Во Грција цените се многу повисоки од кај нас, а во Хрватска за прв пат по 2010 се случило дизелот да биде поскап од бензинот.

„Јас не сум приврзаник на таа теорија, бидејќи сметам дека треба да одиме чекор по чекор, РКЕ да донесе нова методологија, да видиме како ќе функционира пазарот во тој момент, па ако се создадат услови, ќе има целоосна либерализација“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Граѓаните се жалат на високите трошоци, велат тоа им ги оптоварува домашниот буџет.

Според Бислимовски, во моментов, сепак, во земјава е најниска цената на нафтата и нафтените деривати.

Поскапувањето на нафтата во светот влијае и на пораст на цената на струјата на берзите во регионот, но и на цената на течниот гас, таа не е под ингеренции на Регулаторна, но расте поради поскапувањето на нафтата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ