
Владата контра вицепремиерот Османи – Законот за употреба на јазиците испратен во Венецијанската комисија
Само еден ден откако вицепремиерот изјави дека, законот за јазиците не треба да се испрати до Венецијанската комисија додека македонски претставник таму е професорката Тања Каракамишева, владата го испрати законот во Венеција. Бујар Османи вчера рече и дека, треба да се испратат само одредбите што се однесуваат на двојазичните униформи и на парите, но сепак е испратен цел закон. Премиерот очекува брз одговор од Комисијата.
Во писмото што како прилог е проследено до Претседателот на Венецијанската Комисија, Џани Букичио, се вели дека, како и досега, мислењата на Венецијанската комисија се значајна поддршка на реформите на правниот систем во Македонија, чија цел е воспоставување на највисоките европски стандарди.
Османи и владата, се разијдуваа изминатите денови и во изјавите и соопштенијата околу тоа, дали ќе има нови вработувања за да може да се спроведе законот. Од владата тврдеа дека, кадрите во новите Агенција и Инспекторат ќе се обезбедат од постоечките ресурси во министерствата, агенциите и секретаријатите, но Османи и актуелни и поранешни функционери од ДУИ, викендов правеа поинакви планови. Свикаа координативен состанок, по што изјавија дека ќе бидат потребни нови вработувања, а ќе има и дополнителни трошоци.
Далиборка Демјанска Цветановска