Царовска: Семејството од Велес одбило стан под кирија

Барале социјален стан, но добиле еднократна парична помош и поддршка од велешкиот центар за социјални работи да им плати кирија. Вака семејството на денешната средба со Царовска во Скопје револтирано раскажало што се случувало две години пред кобниот пожар во кој Теона, Петар и Драгана изгореа гушнати и заклучени во недовршена куќа.

„Да разгледаме дали во Велес има постоечки стан и друг објект каде тие можат понатаму се сместат, но нема станови кои можат целосно да бидат доделени на нив, на ниту едно лице па ни на нив“, вели Царовска.

Зошто социјалните служби кои биле на терен и воочиле дека семејството живее во такви услови без струја, без вода не преземале нешто да ги заштитат тие деца и да се најде барем привремено решение? Царовска без директен одговор зошто социјалните работници по она што го воочиле на лице место дека децата живеат во мизерни услови, најчесто препуштени сами на себе и заклучени дома не реагирале веднаш ?

„Не само што утврдиле дека е таква фактичката состојба туку и им било понудено да живеат под кирија, да им се плати кирија во посоодветни услови но не прифатиле. Дури денеска откако се случи трагедијата тие прифакјаат да живеат под кирија и тоа само еден месец“, вели Царовска.

За Царовска ваквите ситуации се најчесто последица на фактот дека  бројот на социјални работници во изминативе години е исклучително мал, па така еден социјален работник менаџира дури петстотини случаи што е недозволиво . Трите мали деца кои ги изгубија животите во трагедијата во Велес се уште една потврда за нефункционалност на институциите и лавиринтите низ кои социјално загрозените семејства минуваат со надеж да ги решат сите тешкотии со кои се соочуваат пред да биде доцна за нив и нивните најблиски.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ