Цароска возврати – изјавата не е избрзана, туку е одговорна и отчетна

Скандалот со пензиите продолжува да ја бранува јавноста. Отчетност и одговорност е информирањето на граѓаните за проблемот со 12 те илјади корисници, а не избрзана изјава на министерката Цароска. Вака од Министерството за труд му возвратија на вицепремиерот Османи, иако не го споменуваат конкретно, откако тој вчера рече дека министерката дала несреќна изјава, од парите на пензионерите не е злоупотребен ни денар, најавувајќи тужби за медиумите кои ја инволвирале ДУИ во како што ги нарече, лажните вести.

Од Труд за Телма велат дека проблемот го лоцирале по направената анализа за потребите на пензиската реформа, велат тој е реален и за него јавноста морала да биде информирана.

Веруваме дека функционерите не би требало да имаат проблем со објавување на информации од интерес на граѓаните.  Ова е акт на одговорност и отчетност во работењето, а не избрзана изјава на министерката како што коментараат во јавноста. Министерството не е истражен орган и не навлегува во јавна дискусија и обвинувања за одговорност. Тоа е работа на обивнителството кое веќе ги има сите документи за случајот, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Од Труд Упатуваат дека би било добро политичарите да ја почекаат правната разврска, наместо да обвинуваат неосновано.

Владата не кажува дали имало злоупотреби на овие пари, иако за обесштетување на осигурениците ќе се потрошат 19 милиони евра буџетски пари. Одговорите им ги препуштаат на обвинителите.

Очигледно едека парите кои се уплатувале за 12 илјади осигуреници не се во вториот пензиски столб, натамошниот процес е работа на ОЈО, не на Владата ни на МТСП. Да го оставиме ОЈО да си ја заврши работата, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Бошњаковски вели дека Владата функционира нормално, на владините седници, па и на вчерашната, немало министерска кавга за оваа тема.

13 невладини обединети преку Групата Цивитакс, пак, укажуваат дека овој случај потврдува дека во земјава институциите не посветуваат внимание на основите за сомневање за злоупотреби и незаконитост во работењето на поединци и одговорни службени лица, што државата и натаму ја држи заробена.

Недопустливо е оштетените граѓани да се обесштетуваат со средствата на даночните обврзници, а при тоа сторителот да остане непознат. Во вакви услови владата треба да ја преземе својата одговорност и да утврди кој од одговорните и службени лица во МАПАС, Фондот за ПИОМ и раководителите на операторите на вториот пензиски столб се приклучил во незаконитото однесување со прикривање и непријавување, како и да ги утврди дирекните одговорни лица, а против нив да поведе постапка за утврдување на одговорноста и за изрекување на со закон предвидени санкции за секое дејствие сторено со намера, сторување или пропуштање, децидни се од ЦИВИТАКС.

Ја повикуваат министерката да направи јавна презентација на наодите и директно да го посочи основаното сомневање до соодветните органи, и потоа да посочи што е преземено за заштита на правата на даночните обврзници.

Вчера почна првата уплата од државата кон двете приватни пензиски друштва, со која се опфатени 4.926 оштетени осигуреници и таа треба да заврши до крајот на месецов. Уплатата, пак, за сите 12 илјади осигуреници, треба да заврши до средината на годинава.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ