
Трубачи за делницата: Актор се извини, Транспорт се огради
Грмеше музика, се играа ора, се залепи и по некоја банкнота на трубачите кои ја подгреваа атмосферата, вчера откако беше пуштена во употреба делницата Демир Капија Смоквица од автопатот Пријателство. На официјалниот дел од настанот, на кој од Владата и од Европската унија изразија огромно задоволство што конечно се затвора последната алка од македонскиот дел од Коридорот 10, сечење лента немаше, а ни трага ни глас од забавата, но вечерта на порталите се појавија видеа кои говореа дека на делницата и особено во тунелот, сепак не изостанала голема веселба. Тоа ја подгреа атмосферата на социјалните мрежи, од безброј духовити досетки, исмевања, па до прашања како високи државни функционери си дозволиле да бидат инволвирани во таква комична ситуација.
Министерството за транспорт и врски денеска се огради од настанот.
„Министерството за транспорт и врски се оградува од секаква активност поврзана со овие информации. Сакаме да Ве информираме дека ниту Министерството за транспорт и врски, ниту друга државна институција, не е организатор на било каква забава“, соопштоија од Транспорт.
За други информации, медиумите ги упатија да се обратот до изведувачот на проектот.
А токму од изведувачот, грчката компанија Актор, која ја градеше делницата, признаа дека тие ја организирале прославата, се извинија ако погрешно биле разбрани.
„Настанот започна во кампот во Демир Капија и во тунелот и траеше кратко време. Целиот настан беше организиран од АКТОР. Во него учествуваа вработените, супервизорите и добавувачите од земјата. Сите луѓе дојдоа со автобус организирани од АКТОР. Сите гости отидоа со автобус од кампот во тунелот и по кратко време се вратија назад во кампот за да продолжат. Се извинуваме ако ова беше погрешно разбрано“, стои во реакцијата од АКТОР за порталот Либертас.
Телма го праша директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китанов, како се најде на прославата, па дури и да залепи две три стоденарки на музичарите.
„Не знаев што ќе се случува на прославата. Бев поканет од изведувачот и отидов таму од чиста куртоазија, се приклучив на кратко на групата и си отидов по само 15 минути. Ова е нешто што веројатно сите би го направиле“, вели за Телма Китанов.
И денеска не изостанаа гости на делницата. Поранешниот министер за транспорт и врски од ВМРО ДПММЕ, пак, Владо Мисајловски, се сликаше со македонско знаме пред тунелите, со што на свој начин го прослави отворањето на делницата.
Делницата Демир Капија Смоквица се градеше шест години, за неа беа потрошени 228 милиони евра, од кои најголем дел европски кредити и грантови, а ја следеа и бројни контроверзи, покрај грчкото обвинителство, истрага отвори и СЈО за злоупотреба на службената положба и перење пари.
Нина Нинеска-Фиданоска