
Тројци обвинители на дисциплинска за „крвавиот четврток“-не извршиле увид во Собранието
За тројца обвинители е покрената дисциплинска постапка поради сомнеж дека направиле пропусти во истрагата за крвавиот четврток. Од државното обвинителство само кратко ни потврдија дека пред празникот е отворена дисциплинска постапка која ја води комисија. Обвинителите се товарат дека не извршиле увид на местото на крвичниот настан, односно во Собранието каде лани на 27-ми април се случи упадот и беа повредени над 100 луѓе.
Дисциплинската постапка е отворена против раководителката и заменик раководителот во скопското обвинителство, како и против раководителот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Во тоа време овие функции ги извршуваа Златко Биковски, во организиран криминал и Гордана Ѓешковска и Јован Цветановски во скопското обвинителство. Иако е отворена дисциплинска постапка против нив, досега тројцата обвинители никој не ги известил иако веднаш по отварање на постапка тие треба да бидат информирани.
Комисијата која ја води постапката, доколку утврди дисциплинска одговорност има можност да ги казни со опомена, парично или дури и да им врачи отказ. Обвинителите се земени на дисциплинска затоа што според обвинителството не извршиле увид во Парламентот по упадот на крвавиот честврток.
Како што веќе објави КОД, вечерта на 27-ми април, бил организиран состанок кој го свикал тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски. На состанокот биле тројцата обвинители кои сега се земени на дисциплинска постапка. Не бил свикан колегиум во кој членуваат и виши обвинители, туку работата и истрагата е префрлена на дежурните обвинители во скопското обвинителство.
Вечерта на средбата било одлучено да не се оди веднаш на увид, поради безбедноста на обвинителите. Имало и обвинители кои тврделе дека не треба да се врши воопшто увид туку прво да се разгледува изборот на Талат Џафери за собраниски претседател, а дури потоа насилствата и упадот. Најголем дел од овие обвинители кои не сакале да се врши увид сега не се под дисциплинска постапка.
Ден по 27-ми април, двајца обвинители вршеле увид и ја заклучиле собраниската прес сала каде беа нападнати пратениците на новото владеачко мнозинство. Но дотогаш веќе биле изнесени компјутерски хард дискови со снимките на кои се гледа како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Мукоски и Василевски ги отвораат собраниските врати и ја пуштаат групата внатре. После тоа увид не е е вршен, се до јули 2017-та кога предметот е предаден на обвинителството за организиран криминал кое врши обвинителски увид на лице место.
Со дисциплинската постапка не е опфатен тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски бидејќи не е дел од организационата структура за вршење увид, тврдат извори во обвинителството. Не е опфатен ниту еден виш обвинител, освен Цветановски кој од позицијата заменик раководител на скопското во меѓувреме беше избран за виш обвинител.
Миомир Серафиновиќ