
Тројца обвинети за историскиот грабеж на Тутунска банка со повисока казна, а еден со пониска
Тројца обвинети за историскиот грабеж на Тутунска банка добија повисоки казни, а еден пониска. Скопска апелација преиначи дел од првостепената пресуда. Според писменото образложение, првообвинетиот Бобан Смилевски кого Кривичниот суд го казни со 9 години и два месеци затвор за тешка кражба и затајување, Апелација му определува 4 месеци повисока казна или 9 ипол години затвор.
Неговиот брат Горан Смилевски првостепено беше осуден на 6 и пол години, но Aпелација му ја зголемува казната за половина година – добива 7 години затвор.
Наместо условна осуда како што првично му беше изречена – обвинетиот Мирослав Каевски со одлуката на апелација добива ефективна казна од две години затвор.
Пониска казна за една година ќе издржува единствено Борис Минчевски обвинет за тешка кражба. Апелација му ја намали првостепената пресуда на 4 години и 2 месеца.
Првостепената пресуда Кривичниот суд ја изрече на 3 ноември минатата година, а судот ги задолжи тројца од обвинетите да и вратат на банката 174 милиони денари (2,8 милиони евра).
За овој предмет пред повисокиот суд се жалеле двете страни. Обвинителството барало построги казни. Сметале дека Основниот суд не ги ценел доволно отежнувачките околности како тоа дека штетата е голема, а парите не се вратени.
Адвокатите пак барале поблаги казни и се жалеле дека судот не ги ценел доволно олеснителните околности за нивните клиенти, како тоа дека не се осудувани, дека се семејни луѓе или пак дека признале вина.
Според писменото образложение, Апелациониот суд оценил дека Кривичниот суд погрешно го применил зкаонот за одмерување на казните и за дел од нив определил поблаги санкции. Овој закон го укина Уставниот суд, но кога било извршено делото се уште бил на сила.