Трите земји кои рекоа „не“ за датум за ЕУ си ја преиспитуваат одлуката

Трите земји кои не дозволија старт на преговорите на ЕУ со Македонија и со Албанија ги преиспитуваат своите ставови и одлуки. Ова претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, кој допатува во Македонија во знак на поддршка за земјава по недобивањето на датум, денеска дури трипати го повтори.

„Ние сме вложени и посветени на овој процес кој што јас се надевам, како и сите, дека ќе се оконча и заклучи на просперитетен и позитивен начин. Сакам да повторам дека владите на овие змеји кои искажаа своја воздражаност и резерва во однос на одлуката сега се во фаза на проценка и разгледување на нивната одлука. Ова е момент кој што говори за голема доверба“, рече Давид Сасоли, претседател на Европски парламент.

Сасоли притоа рече дека од Европскиот совет не било кажано „не“, туку имало приговори на процесот до страна на неколку земји и оти се работи само за застој.

„Ние сме убедени дека овој процес може и да запре, тоа е нашиот страв, и верувам дека некои нивни причини што беа изложени треба да се разгледаат исто така верувам дека тие приговори на трите членки може да бидат надминати“, рече Давид Сасоли, претседател на Европски парламент.

Сасоли за можноста за раздвојување на пристапувањето на Македонија и Албанија рече дека во моментов не е можно бидејќи Европската комисија го составила пакетот. Според него такво нешто во моментов и не е пожелно, но подвлече дека и двете земји се проценуваат индивидуално и оти нивните заслуги се признаени. 

Премиерот Заев пак велејќи дека одлуката на Европскиот совет била грешка, рече дека очекува таа наскоро да биде сменета. Тој рече дека земјава нема друга алтернатива освен ЕУ.

„Соочени сме со нови предизвици и ќе докажеме дека сите постигнати резултати досега се одржливи и неповратни. Ќе докажеме дека нема отстапување од нашите стратешки насоки кон Европската Унија и НАТО. Ќе се соочиме со очекуваната критика и притисок на анти ЕУ и ретроградни сили и ќе ги совладаме“, изјави, Зоран Заев, премиер на Македонија.

Претседателот на европскиот парламент кој пред да дојде во Македонија испрати видео порака во која побара да не се губи надежта за европска иднина и дека местото на земјава и е во ЕУ, вечерва на твитер пак напиша оти е среќен што европскиот дух во земјава не е скршен, порачувајќи дека заедно ќе ги надминеме сите пречки и ќе преминеме кон отворање на преговори за членство.

Сасоли кому ова му е прва официјална посета од преземањето на функцијата утре ќе се обрати и пред македонските пратеници.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ