
Трите теста за Ковид-19 на д-р Трпчевски од болницата „Плодност“ со различни резултати
Три теста за Ковид-19 во само неколку дена си поиграа со трпението на докторот Христијан Трпчевски од битолската болница „Плодност“ и ги исплаши неговите сограѓани. Тој кај себе препознал дел од симптомите на коронавирус, па се јавил да пријави. Дошле да го тестираат, а резултатите од лабораторијата на Институтот за јавно здравје покажале дека Трпчевски ја нема болеста. Но, симптомите продолжиле, а вториот тест кој се покажал позитивен ги продолжи неколкудневните сомнежи и личната голгота на докторот. Неговиот татко Таше Трпчевски кој е директор на болницата, одлучи да стави клуч на установата на одредено време, а на целото нивно семејство да им биде земен брис.
„Првиот пат негативен во Институт за јавно здравје, вториот пат позитивен во Жан Митрев, наредниот ден Институт за јавно здравје негативен. Никој од нас нема никакви симптоми меѓутоа си остана психичката траума и последиците коишто ќе ги носиме не заради тоа што имаме или имавме вирус туку затоа што народот, нашите сограѓани поинаку не гледаат,“ вели Д-р. Таше Трпчевски – Директор на „Плодност“.
Зошто биле потребни три тестови за да се утврди дали вирусот е присутен, од семејството Трпчевски само претпоставуваат, а од Институтот за јавно здравје се уште нема официјални информации. Доктор Таше Трпчевски и самиот е тестиран негативен, како и останатите членови од семејството.
Претпоставка наша е дека се работи за контаминација на тестот и лажно позитивни резултати меѓутоа еве јас сум сигурен како лекар дека не сме носители на овој вирус. Карактеристично за овие тестови е што се многу сензитивен и да има некаква промена во една молекула на геномот на било кој вирус, може да даде Корона позитивен тест, вели Д-р. Таше Трпчевски – Директор на „Плодност“.
Семејството Трпчевски во саботата дознале дека се негативни на тестот. Но, тие сега ќе останат две недели во самоизолација, а болничката установа која што ја менаџираат и каде што работат ќе биде отворена потоа.
Петар Догов