
Трипуновски во подрачната единица во Берово проверуваше кој, како работи
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски вчера бил во ненајавена посета на Подрачната единица на МЗШВ во Берово. Целиот процес на проверка на вработените тој го снимил на камера, а видеото го објави на својата ФБ страна со наслов „Вонредната посета и контрола на Подрачната единица на МЗШВ во Берово.”
Во видеото, се гледа како Труновски ги прашува вработените и началникот на подрачната единица дали се работи, бидејќи според Трипуновски, земјоделците „плачат“. На началникот му кажува дека снимањето самиот го нарачал, бидејќи тоа се службени простории, а тој е заменик министер.
ТВ 21 ја контактираше Дирекцијата за заштита на лични податоци, од каде им одговориле дека снимањето е неовластено, а дури може да се карактеризира и како мобинг, бидејќи Трипуновски можел да снима ако намерата му била да види дали се почитуваат работните обврски, но не смеел да ги покажува лицата на луѓето кои се вработени таму, а потоа видеото да го објавува во медиумите, и неговата ФБ страница.